Во Скопје се врати првата група аџии

во категоријата Свет

СКОПЈЕ (АА) – Првата група аџии од Северна Македонија се врати од светите места, откако го исполнија еден од петте столба на исламот, аџилакот, јавува Anadolu Agency (AA).

На Меѓународниот аеродром Скопје аџиите, кои се вратија со директен лет од Медина, беа пречекани од своите роднини, кои им посакаа добредојде на своите најблиски кои своето патување го започнаа кон крајот на месец јули.

Првата група ја сочинуваа 168 аџии, претежно од регионот на Кумановското и Струшкото муфтиство. Еден од аџиите, Заим Акики, од кумановското село Ваксинце, истакна дека не може да го опише задоволството по извршениот аџилак.

„Добро поминавме, многу добро. Големо задоволство, не знам како да го опишам чувството. Има многу тешкотии, но сите со задоволство се подзабораваат“ рече Акики.

Тој во светите места бил со својата 65-годишна мајка. Таа рече дека и покрај возраста и заморот, ги извршила сите верски обреди и дека немала здравствени проблеми. Таа ги повика сите што имаат можност да заминат на аџилак на што е можно помлада возраст.

„Поминав многу добро, бев со синот. Не знам поголемо задоволство на светот. Само Алах да ви овозможи сите да одите додека сте помлади, не беше тоа за стари лица, за младите да. Добро бев и со здравјето, не му создавав проблеми на синот, но беше малку заморно. Алах нека ни го прифати аџилакот. Беше големо задоволство“, рече таа.

Максут Максутовски, имам од струшкото село Лабуниште и еден од водичите на аџиите од Струшкото муфтиство, вели дека организацијата била на ниво и не наишле на посериозни проблеми.

„Навистина, можам да кажам дека поминавме многу добро. Од самото поаѓање, па престојот во светите места, Мека и Медина, сите обреди коишто ги извршувавме ги извршивме во светите места, колективно, координирано, заедно, со укажување на вредноста и значењето на светите места и на сите историски важни места и значајни објекти од исламско културно значење“, рече Максутовски.

Аџиите изразија задоволство и од медицинскиот персонал, за кој велат дека дежурал и во текот на ноќите поминати во Мека и Медина.

Според податоците обезбедени од Исламската верска заедница (ИВЗ), годинава од Северна Македонија во светите места отпатуваа вкупно 850 верници, вклучувајќи 40 лица од раководниот и медицинскиот персонал.

Ова беше прва група која се врати од Саудиска Арабија, а другите четири групи треба да пристигнат во наредните денови.



.(AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: https://www.aa.com.tr/mk/