Во Сараево свечено отворен Европскиот младински олимписки фестивал

во категоријата Свет

САРАЕВО (АА) – Вечерва во Сараево свечено беше отворен Европскиот младински олимписки фестивал – EYOF 2019, најголемиот спортски настан во Босна и Херцеговина од 14. Зимски олимписки игри во 1984 година во Сараево, јавува Anadolu Agency (AA).

Фестивалот официјално беше отворен од страна на претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, претседателот на Европскиот олимписки комитет Јанез Кочијанчиќ и од градоначалниците на Сараево и Источно Сараево, Абдула Скако и Ненад Вуковиќ. 

Се очекува на олимпискиот фестивал да настапат околу 1.500 спортисти од 46 европски земји. Вкупниот број на учесници, заедно со спортистите, тренерите и останатите членови на мисиите, ќе изнесува над 2.000 луѓе. 

За првиот ден на распоредот се тренинзи во брзо лизгање, хокеј на мраз, сноуборд, ски-трчање, биатлон и алпско скијање. Младите спортисти од скоро цела Европа ја почнуваат борбата за медали. 

Во протоколарниот дел од церемонијата, која се одржа вечерва, претставени се 46 земји учеснички. Како и секогаш, Грција го започна свеченото дефиле на репрезентациите, а го заклучи домаќинот Босна и Херцеговина. 

На ЕИОФ 2019 младите спортисти од 14 до 18 години од 46 земји ќе се натпреваруваат во осум спортови: алпско скијање, сноуборд, ски-трчање, биатлон, хокеј на мраз, уметничко лизгање, брзо лизгање и карлинг. 

Првото издание на ЕИОФ, и тоа летно, се одржа во 1991 година во Брисел, а зимското две години подоцна во италијанската Аоста. 

По Сараево и Источно Сараево, домаќин на Европскиот младински олимписки фестивал – EYOF следната зима ќе биде Финска, а летниот олимписки фестивал оваа година ќе се одржи од 20-28 јули во главниот град на Азербејџан, Баку.

Македонија на ЕИОФ ќе ја претставуваат Никола Петковски и Анамарија Зафировска во дисциплината крос-кантри скијање.


Извор: https://www.aa.com.tr/mk/