„Владата се фали со економијата, а го менува Тевдовски“

во категоријата Економија

Владата и Основното јавно обвинителство се без конкретен одговор по обвинувањата на екс-советникот во Министерството за финансии Бранимир Јовановиќ за местење на милионски тендери. Се обидовме да добиеме поконкретни информации и лично од Бранимир Јовановиќ, но тој ни соопшти дека има приватни обврски. Вчера Јовановиќ на неговиот ФБ профил напиша дека не се согласува со потегот на премиерот Зоран Заев, актуелниот министер Драган Тевдовски да си замине од функцијата, бидејќи според него тој е човекот кој направил реални реформи. Јовановиќ смета дека „метлата“ требало да опфати функционери кои местеле милионски тендери и трошеле државни пари и ништо не работеле. По овие сериозни обвинувања, од Владата и од Обвинителството добивме вакви одговори:

Владата на Република Северна Македонија работи согласно позитивните законски прописи и се залага за владеење на правото, преку концепт на отворена и транспарентна Влада. Сите граѓани кои имаат какви било информации за евентуално несовесно и незаконско работење, истите треба да ги пријават до надлежните институции и истражните органи – велат од владата.

Јавното обвинителство ги следи сите информации и ќе постапува доколку бидат утврдени елементи на сторено кривично дело – изјавија од ОЈО.

Генерално, не е добро за една земја премиерот да биде и министер за финансии, вели Здравко Савески од партијата Левица. Савески смета дека решението е избрзано. Доколку била неопходна замената, тоа можел да биде и вицепремиерот Кочо Анѓушев или некој друг министер од економските ресори, но не и премиерот. Сепак, клучно за оваа одлука Савески вели дека е тоа што Тевдовски не бил истомисленик со премиерот во спроведувањето на економските политики.

Тевдовски направи премалку од она што можеше да го направи, но беше очигледно и дека имал кочници во неговите планови кои ги спроведуваа. А, резултати од неговото двогодишно министерување се многу благи социјалдемократски мерки, што не може една социјалдемократска влада да се пофали. Имаме една парадоксална ситуација, премиерот Заев се фали со економски успеси, а го менува министерот за финансии – изјави Здравско Савески, Левица.

Од реконструкцијата на владата која вчера ја објави премиерот Заев, Тевдовски е единствениот – реално изметен министер од функцијата, кој сега ќе му биде советник на премиерот кога тој ќе биде во улога на министер за финансии. Освен по слабата реализација на капиталните инвестиции, Тевдовски ќе биде запаметен како министер кој ја промени даночната политика, односно го воведе т.н. прогресивен данок. Подготви и реформа за поврат на ДДВ за граѓаните, која не дочека да ја стартува бидејќи мерката е закажана да започне од први следниот месец.

Иле Петрески

.

Извор: https://www.alsat-m.tv/mk