Владата зема кредит од Светска Банка вреден 420 милиони долари

во категоријата Економија

Владата и официјално стави потпис на задолжувањето кај Светска банка тешко 420 милиони долари. Парите ќе се користат во следниве четири години за капитални проекти и за поддршка на стопанството. Каматната стапка според министерот за финансии Драган Тевдовски ќе биде ниска и поволна за земјава, и ќе изнесува еден отсто. Овие пари се веќе вкалкулирани во состојбата на јавниот долг, како ќе се повлекуваат пари од кредитот така и ќе се менува нивото на задолженост на земјава.

„Секако дека ќе зависи од динамиката на влечењето. А најважно е дека ако станува збор за јавниот долг, ние успеавме со политиката која што ја водиме во овие две години, а тоа е политика на постојана фискална консолидација јавниот долг да го стабилизираме“, изјави Драган Тевдовски, министер за финансии.

Владата ова задолжување за капитални проекти  го прави откако лани не успеа да реализира ниту третина од парите од државната каса наменети за истата цел. Од владата најавија дека со Светска Банка е договорено дека со парите ќе се градат инфраструктурни проекти, но и за други цели кои ќе бидат од корист за граѓаните. Важно е да се напомене дека токму ланската година, според реализацијата на капиталните инвестиции  е најлоша во последниве десет години. Од 400 милиони евра колку владата што имаше на располагање лани за изградба на патишта, болници, училишта, водоводи и канализации потроши 197 милиони евра. Дел од парите или 50 милиони евра  кои не се потрошија за капиталните проекти владата реши да им ги поклони на општините за да ги намалат своите долгови. Годинава пак, која се најавува како економска засега не се разликува од ланската. Бројките велат дека во првите четири месеци од годинава се реализирани само 10 отсто од предвидените 420  милиони евра.

.

Извор: https://www.alsat-m.tv/mk