Станува збор за нацрт-закон кој личи на рускиот од 2012 година и предвидува дека сите организации кои над 20 отсто од својот буџет го добиваат од странство, треба да се регистрираат како „странски агенти“ и да подлежат на мониторинг од Министерството за правда
Нацрт-законот за странски агенти предизвика тепачка во парламентот во Грузија, а видеата од дел од пресметката помеѓу власта и опозицијата ги обиколија светските медиуми.
Тепачката меѓу пратениците настана за време на расправа во Комисијата за правни прашања во парламентот и од видеата може да се види дека претседателот на оваа комисија, кој е дел од владејачкото мнозинство, го удира лидерот на опозициската партија Обединето национално движење.
Владејачкиот блок во Грузија, коалицијата „Грузиски сон“, минатиот месец објави дека ќе го поддржи законот за странски агенти, а опозицијата жестоко се противи.
Предлогот предвидува дека организациите кои од странство ќе добиваат повеќе од 20 отсто од својот буџет, треба да се регистрираат како „странски агенти“ и да подложат на мониторинг од страна на Министерството за правда или, во спротивно, ќе се соочат со високи казни.
Критичарите и опозицијата го споредуваат нацрт-законот со рускиот закон од 2012 година кој потоа почна да го проширува опсегот и да се користи за сузбивање на независното граѓанско општество и медиумите.
„Руското законодавство што сега е предложено во парламентот е против националните интереси на Грузија, против нашите европски аспирации“,
вели Иракли Павленишвили, активист за граѓански права и опозициски политичар.
Пратеникот од власта Гиви Миканадзе, пак, вели дека грузиското општество заслужува да знае кои организации од кои извори се финансираат. И покрај овој проруски закон, власта тврди дека останува посветена еден ден да ја внесе Грузија во ЕУ.
Грузиската претседателка Саломе Зурабичвили најави дека ќе стави вето на законот бидејќи смета дека тој ќе ги уништи надежите за влез во ЕУ и НАТО. Сепак, парламентот може да го отфрли претседателското вето.
Извор: 360stepeni.mk