ВИДЕО: Пеналот на Салах донесе цел плен за Ливерпул кај Брајтон

во категоријата Спорт

По поразот од Манчестер Сити во големото англиско дерби, екипата на Ливерпул го совлада Брајтон (0-1) и се врати на победничките патеки во 22. коло од Премиер лигата.

Домашниот тим одигра едно од послабите полувремиња оваа сезона и беше целосно инфериорен во однос на „црвените“. Сепак, цврстата и организирана одбрана си го направи своето, па дозволи само две не толку сериозни шанси на Џердан Шаќири и Фабињо. Лидерот доминираше и ја контролираше топката, но не направи доволно за да го отвори резултатот по првите 45 минути.

Набрзо по стартот на вториот дел, Ливерпул конечно успеа да ја затресе мрежата на противникот. Дефанзивецот Паскал Грос невнимателно стартуваше врз Мохамед Салах, а тоа му овозможи на египетскиот фудбалер да постигне погодок од белата точка, негов 14-ти во тековната сезона.

Јирген Клоп како да беше задоволен со еден погодок, па се реши за дефанзивна замена и го стави во игра Џејмс Милнер, на местото на Шаќири. Завршницата од натпреварот беше во знакот на одбраната на двете страни, Брајтон изгледаше немоќен да направи изненадување, што беше во корист на гостите кои се израдуваа на триумфот.

Тимот со најдобра форма во англиското првенство, покрај Манчестер Јунајтед, е Барнли, кој денес ја запиша третата победа во низа против Фулам (2-1). Гостите започнаа одлично и преку Андре Шурле поведоа уште во втората минута. Но, потоа следуваше кошмарен период за Џо Брајан и Денис Одој кои ја затресоа сопствената мрежа и му овозможија на домашната публика да се радува на трите бода.

Во останатите натпревари, Кардиф и Хадерсфилд одиграа без победник, Вотфорд направи пресврт во второто полувреме и го победи Кристал Палас (1-2), а Лестер на „Кинг Пауер“ загуби од десеткуваниот Саутемптон (1-2).

Извор: https://www.gol.mk/