(ВИДЕО) Колку негрижа можат да издржат браните во Македонија?

3 mins read

Во неодамнешниот извештај на Државниот завод за ревизија за состојбата на системите за наводнување во земјава се потенцираше и дека дел од браните кои се користат за таа намена во исклучително лоша состојба. Како пример, посочени се Глажња во кумановскиот крај и Ратевско езеро, во беровско

Од надележната државна фирма, АД Водостопанство, признаваат дека има недостатоци на повеќе брани, но велат – нивната стабилност не била загрозена

Уште во 2014 година тогашниот министер за животна средина Нурхан Изаири изјави дека состојбата на повеќе брани низ земјата е очајна.

На почетокот на 2023 година Државниот завод за ревизија објави извештај на тема „користење на водите за наводнување“ во кој се констатираа истите проблеми. Меѓу другото, се цитира извештај на Комисијата за брани, дека:

По извештајот на Ревизија, излеговме на терен за да посетиме дел од браните посочени за проблематични. Со Оливер Илиевски, директор на АД Водостопанство, подружница за кумановскиот регион, бевме на Липковската брана, која е изградена во 1958 година и на Глажња, која е изградена 13 години подоцна, во 1971 година.

Липковска – Глажња -брани

Илиевски вели дека проверките направени во 2020 година покажале дека двете брани се физички стабилни, но беше резервиран за функционалноста.

Оливер Илиевски, директор на АД Водостопанство, подружница Куманово

„Најпрвин, треба да кажеме дека поради стабилноста на самите брани, посебно браната Глажња – Липково, кои се под Куманово, е правено оскутација на истите во 2020, каде што се мери стабилноста на самите брани и, во моментот, физички браната е стабилна. Значи, тоа прво граѓаните на Куманово да не се грижат, физички браната е стабилна.Функционалноста е друга состојба.“

рече Илиевски.

брана Ратево-Берово

Нашата следна дестинација беше Беровското езеро. Таму нè пречека регионалниот директор на АД Водостопанство, Зоран Агоски. За браната изградена во 1968 година, директорот Агоски вели дека од увидот направен пролетта 2022 година биле констатирани повеќе аномалии.

Зоран Агоски директор на АД Водостопанство, подружница Берово

Тука пред се се мисли на продорот на води во телото на браната. Гледате дека телото на браната влажи. Има за санација бетонските блокови кои ја држат оградата, тие се во лоша состојба. Степениците кои водат до затварачница исто така неопходно значи да се преземат мерки за напред да се санират.“

рече Агоски.

И двајцата директори на подружниците за Куманово и Берово се согласни дека АД Водостопанство нема капацитети за да ги обнови браните што му се дадени под управување. Бараат помош од Владата, но ја критикуваат и матичната организација.

„Акумулацијата не е во таква алармантна состојба. Значи, потребни се интервенции, но за да дојде до интервенции треба да се обезбедат средства. Тука треба повеќе финансиски средства и јас верувам, заедно со претпоставените во генералната дирекција, дека во наредниот период ќе се изнајдат средства и ќе се изврши интервенција на најнеопходните работи во моментот, за да не дојде до несакани последици“.

вели Агоски.

„Ние бараме одМинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку нивната инвестициона програма и преку Платежна агенција и тие средства што ги имаме добиено од нив, од страна на АД Водостопанство не се целосно искористени, односно зависно од година во година, се движи искористеноста од 10 до 20 проценти. Се надеваме во идниот период дека ќе бидат поажурнислужбите на АД Водостопанство за да тие средства ги искористиме и со тоа да можеме да бараме во иднина зголемување на средствата.“

вели Илиевски.

За сите забелешки за браните, побаравме интервју и од директорот на АД Водостопанство, но на крај добивме само писмен став.

Сумирано, АД Водостопанство се најдиректни во одговорите дека им треба државна помош, дека управуваат со 25 брани и дека ниту една не е загрозена. Само индиректно може да се заклучи дека ниту една брана не е целосно реконструирана во изминативе пет години, дека не е јасно колку пари одделуваат за таа намена годишно и дека немаат преземено ништо по препораките на Комисијата за брани.

брана Ратево-Берово

За општата состојба со браните, став побаравме и од Комисијата за брани, тело во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање, чиј извештај го користи Државниот завод за ревизија кога предупредува дека некои брани се ризик за околината. Професорот Љупчо Петковски од Градежниот факултет, кој е еден од челновите на Комисијата, вели дека браните со кои стопанисува АД Водостопанство се во незавидна состојба и треба час поскоро да се санираат.

Професор Љупчо Петковски, член на Комисијата за брани

„Одредени слабости беа детектирани уште во 2014 година. Понатаму, тие се провлекуваат и во годишните извештаи и сега тоа што баравме ние што поскоро да се санираат, очигледно, во овој изминат период не е направено. Најнови информации што сме добиле и потоа требаше да дадеме стручно мислење се однесува за браната на Ратевска река. Таму има позабележлив продор на вода низ телото на браната. Тоа се должи на повеќе фактори. Значи, во моментов не е загрозена стабилноста и да се шири некаква паника, далеку од тоа, меѓутоа се работи за појава која што е неповолна за браните.“

вели Петковски.

Според професорот Петковски, техничкиот дел што го направил инженерскиот тим за браните да бидат стабилни е готов, но административниот дел доцни.

продор на вода низ телото на браната Глажња-Липковско

„Не зборувам кој дел е поважен иако како претставник на техничката фела по мене тој технички дел е 99 проценти, а тој административниот како да се управува е би рекол 1 процент. Меѓутоа ако тука има мал застој, ќе се отслика на целата сигурност на браните“.

рече Петковски.

продор на вода низ телото на брана Ратево-Берово

Иако ниту еден од вклучените во синџирот на надзор, управување и обнова на браните не го сподели заклучокот дека некои брани се безбедносен ризик, повеќе од јасно е дека има проблеми што не се за занемарување.

продор на вода низ телото на брана Глажња-Липковско

Браните, велат експертите, имаат експлоатационен период и до две илјади години, ако се одржуваат како што треба. Но, ако не се коригираат откриените слабости, овој есап не важи.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Аврамовска: Нашето денешно читање е одредено од актуелниот комуникациски миг што го живееме и апсолутно не можеме да побегнеме од тоа

Следно

Земјотрес со јачина од 4,4 степени ја погоди турската област Хатај

Latest from Blog