Ричард Нефју е нетипичен претставник на актуелната американска администрација. Но, зад долгата коса и непосредниот пристап е човек со огромно искуство во системот на САД. Експертизата на Нефју е во санкциите и оттука не изненадува неговото неодамнешно именување за Глобален координатор за антикорупција на Стејт департментот. Претходно бил заменик-специјален пратеник за Иран и главен заменик-координатор за санкции. Од јули 2023 година е на позицијата која дел од американските медиуми ја опишаа како антикорупциски цар на САД. За време на неговата куса посета на Скопје, “360 степени” имаше можност да разговара со Нефју меѓу двата состанока со претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски. Во интервјуто Нефју објаснува на што се должи неговото доаѓање во Северна Македонија, што тој може да направи за да се помогнат напорите за справување со корупцијата во земјава… Го прашавме и што мисли за договорот со „Бехтел и Енка“ и за изборот на консултант кој ќе го врши надзорот на изградбата на автопатите кои македонските граѓани ќе ги чинат 1,3 милијарди евра
360°: Што прави антикорупцискиот цар на САД, како што ве нарекоа некои медиуми, во Северна Македонија?
Ричард Нефју: „Малку ќе ве разочарам. Мојата титула е помалку забавна од онаа антикорупциски цар. Јас сум глобален координатор за антикорупција – моја работа е да помогнам во интегрирањето и во подигнувањето на сите разни напори на САД за справување со корупцијата во светот. Секако, заинтересирани сме да им помогнеме на нашите партнери, на нашите амбасади и на сите земји што се справуваат со глобалниот проблем на корупција. Овде доаѓам зашто знам дека има многу прашања и загриженост за корупцијата, се нагласува потребата за справување со ова прашање и тука сум за да помогнам, да го дадам мојот глас во поддршка за реформите и да се здобијам со подлабоко разбирање на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните на Северна Македонија и подобро да разберам како ние треба да продолжиме во поддршката на оние што се борат со корупцијата.“
360°: Споменавте помош – помошта во справувањето со корупцијата е меѓу врвните приоритети на Амбасадата на САД во Скопје, како и на тимот на заменик-помошникот државен секретар. Што повеќе можат САД да направат?
Ричард Нефју: „Видете, мислам дека во суштина треба сите да признаеме дека антикорупциските напори треба да почнат од дома. Кога САД даваат помош, тоа е овозможување асистенција на оние што се обидуваат да се вклучат во реформските напори, да го подобрат системот, да се справат со проблемот преку ново законодавство, тука, дома, во земјите во кои работиме. Тука сум за делумно да научам кои се актуелните предизвици, кои се потребите на граѓаните, на граѓанскиот сектор, за што е Владата заинтересирана повеќе да направи и потоа тоа знаење да го вратам назад во САД.“
360°: Значи, ова е мисија на проценка за тоа што е потребно?
Ричард Нефју: „Секако дека е проценка на тоа што е потребно, но и начин за нас да бидеме во можност да ги примениме искуството и експертизата кои, како држава, ги имаме од работата низ светот. Еден од најдобрите аспекти на мојата работа како глобален претставник за справување со корупцијата е дека можам да патувам низ светот и да разговарам со влади во Јужна Америка, Источна Азија и на други места и да научам како тие се справуваат со вие прашања и потоа тие научени лекции се обидувам да ги донесам во други делови од светот.“
360°: Постои еден актуелен случај кој може да го доведе во прашање кредибилитетот на американските антикорупциски напори во Северна Македонија. Вашето присуство во Скопје се совпаѓа со потпишувањето на договорот за изградба на Коридорот 8 и дел од Коридорот 10 меѓу македонските власти и „Бехтел и Енка“, американско-турски конзорциум. Има силно негодување и загриженост во земјата за целокупниот процес околу овој договор, вклучувајќи го и тендерот за консултантот на конзорциумот, кој ќе го надгледува договорот, дека има огромен потенцијал за корупција. Дали ова не е опасност за американските напори, и на администрацијата и на овдешната амбасада, која може да ги поткопа нивните активности за справување со корупцијата?
Ричард Нефју: „Знаете, јас сум глобален претставник со глобални обврски и не сум непосредно запознаен со сите разни елементи на ваквите договори во конкретни држави, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Секако, Амбасадата е силен поддржувач на американските бизниси и бизнис-активности овде, исто како што е тоа случај со другите амбасади низ светот. Мислам дека Амбасадата го направи тоа и во овој случај. Оттука, мислам дека е многу јасно дека сме силни поддржувачи и се придржуваме до вредностите и изјавите за борбата со корупцијата. Ако има наводи за корупција, тогаш тие треба да се истражат. Такви наводи треба да истражат каде било и тие истраги треба да се сфатат сериозно.“
360°: Ве прашувам за оваа конкретна компанија зашто за неа има и негативни примери од нејзиното работење во регионот, како на пример, Албанија, Косово. Имаше наводи за корупција, но ништо не се случи и компанијата сè уште работи.
Ричард Нефју: „Нашата посветеност на овие вредности е вистинска, одржлива и постојана. Ако има наводи, тие треба целосно да бидат истражени. Американскиот закон има низа одредби кои бараат сериозно да се земат предвид коруптивни активност на американски компании во странство и тие закони ќе бидат спроведени. Би рекол дека главната работа е дека нашата позиција за оваа тема е апсолутно јасна – веруваме дека ако има наводи, докази за корупција, тоа треба да биде истражено и на истрагата треба да ѝ се дозволи да продолжи како што е планирано.“
360°: Без оглед на тоа што можеби се инволвирани американски компании?
Ричард Нефју: „Како што реков, имаме многу конкретни и строги закони за американски компании и нивната способност да се вклучат во вакви активности во странство. Нашата позиција е многу јасна – диктирана е, и од аспект на законска рамка и од аспект на политика. Треба да се нагласи дека дел од мојата работа е да ја спроведувам американската национална стратегија за справување со корупцијата, тоа е национална стратегија која се однесува на нашите меѓународни партнери и меѓународни напори, но и на домашните напори. На прашањето на корупција во САД и со американски компании му пристапуваме еднакво сериозно како и со кој било друг.“
360°: Јавната доверба во судството и обвинителството е на историски најниско ниво, што доведува до севкупна недоверба на јавноста во институциите и со тоа ја поткопува демократијата. Како може да се помогне за овој процес да биде реверзибилен и на што треба да биде фокусот во наредниот период?
Ричард Нефју: „Сосема сте во право. Кога имате недоверба во интегритетот на владеењето на правото, тоа му штети на општеството, ѝ наштетува на довербата во Владата, ѝ наштетува на довербата на граѓаните во самото општество. Од моја перспектива мислам дека најважното нешто е да се направат обиди за враќање на довербата преку способноста за покажување дека оние што се вклучени во корупција ќе одговараат. Тоа се сведува на овозможување на судството да си ја врши работата. Има низа проекти и активности кои имаат за цел зајакнување на овдешното судство и да му се помогне да има поголем капацитет, да работи… Но, на крајот, тоа се чекори што имаат за цел да дадат поддршка на активностите што треба да ги преземат надлежните во Северна Македонија. Исто така, разгледуваме можност за поактивно да се вклучиме со нашите партнери – граѓанскиот сектор, но и Владата за значењето на судската независност, за интегритетот на институциите и охрабрување на реформи и чекори за нивно интегрирање. Нашата перспектива е ако сте во позиција да им демонстрирате на граѓаните дека има интегритет во судството, во институциите, дека имате судска и независност во институциите, тогаш сте во позиција да покажете дека, и да има предизвици, тие ќе бидат надминати.“
360°: Очекувањата во земјата во однос на ОФАЦ-листата се високи. Вие соработувате со тимот за санкции на Министерството за финансии, дали и кога граѓаните треба да очекуваат ажурирање на оваа таканаречена „црна листа“ со нови лица од Северна Македонија?
Ричард Нефју: „Ние не ја нарекуваме „црна листа“, но разбирам зошто ја има таквата привлечност. Работиме со надлежните за санкции, со случаите кои предвидуваат санкции и тоа врз основа на докази. Кога има докази, ги проследуваме и преземаме мерки со санкции, вклучувајќи и некои кои, според американските закони, се задолжителни. Значи, станува збор за процес што се темели на докази – како што се развиваат доказите и предметите, ќе следуваат дополнителни санкции што ќе бидат најавени. Но, тоа мора да зависи од докази, тоа е алатка на владеење на правото и затоа треба да ги исполни стандардите на владеењето на правото. Тоа значи дека ги следиме доказите и потоа наметнуваме санкции врз основа на материјализирањето на тие докази. Истовремено, во некои случаи, за ова е потребно време. Во други земји што ги посетив постои чувство „не видовме санкции во изминатите два месеца, нема санкции во овие три месеци, тоа сигурно значи дека заспале, дека повеќе не се грижат за мојата држава или за друга држава“. Да ве уверам дека можеби ќе ни треба време, зашто ги развиваме доказите неопходни за да имаме ефикасна алатка на владеењето на правото, но ние ќе ги следиме доказите, ќе наметнеме санкции кога ќе утврдиме дека тоа е неопходно. Треба да се напомене дека санкциите се само една алатка во стратегијата. Севкупната цел е да бидеме во можност да охрабриме реформи и чекори што не бараат од нас да употребиме санкции и дека санкциите се само една алатка на располагање во справувањето со корупцијата.“
360°: Можна временска рамка?
Ричард Нефју: „Временска рамка… ќе дозволиме доказите да ни покажат каде треба да се движиме.“
ИЗВОР: 360stepeni.mk