„БИТКА“ И НА ТРИБИНИТЕ: Веспрем со 200 навивачи ги предизвикува „Комити“

во категоријата Спорт

Битката за второто место во група А се разгорува. Вардар има голема конкуренција, Келце и Веспрем се на бод зад македонскиот првак. Новиот и важен чекор кон одбрана на позицијата која носи полесен противник во осминафиналето во Лигата на шампионите, Роберто Гарсија Парондо и неговите избраници треба да го направат во сабота, во СЦ „Јане Сандански“ гостува Веспрем.

Унгарскиот тим викендов ја прекина серијата на Барселона од девет победи во низа, па против Вардар ќе влезе со голема самодоверба. Ракометарите на Веспрем ќе имаат ветер во грб, во Скопје ќе имаат поддршка од 200 фанови, кои ќе се обидат да ги предизвикаат верните навивачи на македонскиот првак, „Комити“. Свесни за „пеколот“ кои ги чека во „вулканот“, челниците на клубот одамна ги откупија билетите.

Дали 200-те Унгарци ќе успеат да ги надвикаат фановите на Вардар, одговорот на ова прашање веќе го знаеме. „Комити“ и сите поддржувачи на „црвено-црните“ по големата победа над Рајн Некар во минатото коло со нетрпение ја чекаат саботната пресметка, СЦ „Јане Сандански“ ќе биде исполнет до последното место, во слободна продажба останаа помалку од 200 билети.

Натпреварот меѓу Вардар и Веспрем е закажан со почеток во 17:30 часот. Ракометарите на македонскиот тим првата пресметка на гостински терен ја добија со 25-27, причина плус да дојдат до два нови бода.

Извор: https://sportmedia.mk/