Без гаранција за здравствена исправност нема увоз на материјал за порибување од Косово!

во категоријата Економија

Материјал за порибување, икри и млади риби од Косово ќе може да се увезуваат во земјава само под еден услов. Потребена е гаранција дека увезената стока во земјава  е здравствено исправна. Доколку тоа го нема Косово, но и било која друга земја, нема да може да извезува икри и млади риби во Македонија. Инаку свежа риба може да влегува во земјава и да се дистрибуира по маркетите или рибарниците. Забраната има цел да ги заштити граѓаните на земјава, но тоа е и според европските стандарди, велат надлежните.

„Многу брзо ќе добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар. Ова е нешто на кое е работено подолг период, и велиме дека забраната не се однесува само за Косово туку и за сите држави кои што немаат спроведено мониторинг, ниту гаранција дека материјалот кој ќе се внесе кај нас е здравствено исправен“, вели Трајан Димковски министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Откако Косово ќе изврши миниторинг на икрите и младите риби кои ги подготвува за извоз, ќе може да ги дистрибуира во земјава, дециден е ресорниот министер. Вчера за Алсат, косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шала овој потег на надлежните во Скопје го нарече трговска бариера, и се закани со реципрочни мерки за македонските производи.

„Покрај ова, постои и данок од околу 700 евра за секој влез на камиони со риба во Македонија. Овие прекршувања на Северна Македонија, според одредбите на ЦЕФТА, претставуваат  голема грижа за мојата Влада и ве поканувам да најдете решение за ова прашање што е можно поскоро. Чекаме властите од Северна Македонија да ги укинат овие трговски бариери, во спротивно ќе бидеме принудени да реагираме, каде како реакција ќе биде ист третманот на истите производи од Северна Македонија кои влегуваат на пазарот на Република Косово“, изјави Ендрит Шала, министер за трговија и индустрија на Косово.

Познат е и ставот на министерот за економија Крешник Бектеши кој потенцираше дека земјава може да извезува или увезува само проверени производи кои содржат декларација. Информациите до кои дојде Алсат велат дека кон средината на месецов ќе се сретнат министрите Бектеши и Шала, за побрзо решавање на проблемот.

Последниве неколку години  Македонија и Косово неколку пати беа на граница на трговска војна поради несогласувања за одредени производи за увоз или извоз  помеѓу двете земји, но проблемите досега се решаваат без нанесување на посериозни штети на двете страни.

Иле Петревски

.

Извор: https://www.alsat-m.tv/mk