Андре Риу пристигна во Скопје

во категоријата Култура

Македонската публика, вечерва, 6 јуни, со почеток во 20 часот, во ВИП-арената „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе има ексклузивна можност да биде дел од концертот на светската музичка ѕвезда Андре Риу.

Мегапопуларниот диригент и виртуоз на виолина, Андре Риу, во светот прославуван како современиот крал на валцерот, заедно со својот 60-член оркестар „Јохан Штраус“ и уште 20-ина гости музичари, кои ќе го придружуваат на сцената, но и тим составен од повеќе од 50 професионалци што се грижат за продукцијата и техничката реализација на концертот, веќе пристигнаа во Скопје за неговиот премиерен настап во Македонија.

„Андре Риу пристигнува во Скопје со целосна сопствена продукција, 9 шлепери со опрема, комплетна костимографија и сценографија, речиси 80 музичари на сцената и повеќе од 50 луѓе задолжени за техничката реализација. Овие бројки само ја потврдуваат големината на овој музички уметник и пред нас е несомнено концертен спектакл каков што досега не сме имале шанса да гледаме во Македонија“, велат од „Пасворд продукција“.

Несомнено еден од најпопуларните интернационални музичари на нашето време е секогаш синоним за вистински концертен спекткл. Андре Риу секаде во светот настапува пред 600.000 публика годишно надминувајќи ги дури и суперѕвездите како Бруно Марс, „Еј-си/Ди-си“ или Ријана. А концертите на Андре Риу се огномет од емоции. На речиси 100 концерти годишно Риу гарантира совршена забава со светски познатите романтични мелодии, како и со многубројни изненадувања, хумор и првокласни интернационални солисти.

Заедно со неговиот оркестар, најголемиот приватен оркестар на светот, харизматичниот Холанѓанец речиси 30 години го обиколува светот и вечерва првпат пристигнува и кај нас со концерт во организација на „Пасворд продукција“.

Влезот за посетителите ќе биде отворен во 18.30 часот.

ИЗВОР: https://makfax.com.mk/kultura/