АНАЛИЗА СЕРИЈА „А“: Дамата ја напаѓаат поранешните „момци“!

во категоријата Спорт

А на „скудетото“ се надева и Наполи. Нивниот најголем квалитет е стабилноста. Помина периодот на транзиција и имплементирање на филозофијата на Анчелоти. Де Лаурентис одбиваше страшни понуди и ги задржа носителите на играта. Манолас е големо засилување во одбраната, Лозано во нападот ќе ги растерети Инсиње и Мертенс, а Македонецот Елмас може да биде откритие на сезоната. Прашање е само дали Милик може да го издржи товарот од големите очекувања.

Три од четирите места за Лигата на шампионите се практично резервирани, а за четвртото ќе се борат Милан, Рома, Лацио, Аталанта…

„Росонерите“ извисија во последното коло минатата сезона, а го задржаа речиси целиот тим. Заминувањата на Бакајоко и Кутроне нема да се приметат, но ни засилувањата не се некоја преголема гаранција. Можеби младиот Рафаел Леао може да се експлодира, а другите како Круниќ, Бенасер, Дуарте или Тео Ернандез не носат голем пресврт.
Најголемото засилување на Милан е тренерот Марко Џампаоло кој цел живот чекаше ваква шанса. Еден од најценетите стручњаци на Апенините има знаење и идеи. До крајот на преодниот рок може да добие уште едно или дури две капитални засилувања со кои би бил фаворит за четвртото место. Многу ќе зависи од формата на Пјонтек, Пакета и Донарума. Ако тие имаат добра сезона ќе има и Милан.

Во Рома ова ќе биде транзициска сезона. Прашање е како новиот тренер Фонсека ќе се снајде на „Олимпико“. Не доби големи засилувања, а заминаа Манолас, Де Роси, Ел Шарави… Ќе си одат уште некои играчи, а се чека големо засилување како Игуаин или Икарди и стопер. Атмосферата околу клубот е токсична и затоа стартот на сезоната ќе им биде многу важен. Ако тргне лошо, ќе гледаме циркус во Тригорија.

Освојувачот на купот Лацио повторно влегува во сезоната без големи засилувања со надеж дека Симоне Инзаги повторно ќе го исцеди максимумот од лимитираниот тим и со киксови на ривалите ќе се бори за Лигата на шампионите. Останаа најдобрите играчи, меѓутоа пропуштени се шанси да бидат донесени уште две-три квалитетни засилувања.

Аталанта играше фантастично минатата сезона и заслужено избори историски пласман во Лигата на шампионите. Имаше среќа и со киксовите и формата на директните ривали, а тоа тешко дека ќе и се повтори и оваа сезона. Имаше среќа што не играше во Европа, но сега ќе игра во Лигата на шампионите. Тешко дека тимот на Гасперони ќе ја издржи борбата на два фронта иако останаа најдобрите играчи: Гомез, Иличиќ, Запата, бековските линии… Засилувањата како Малиновски, Муриел, Шкртел се добредојдени, но не веруваме дека нешто драстично ќе се промени.

ТОП 5 ТРАНСФЕРИ ОВА ЛЕТО
1.Матијас де Лихт (Ајакс – Јувентус)     85.000.000 евра
2. Ромелу Лукаку (Ман.Јунајтед-Интер)            65.000.000
3. Ирвинг Лозано (ПСВ-Наполи)             38.000.000
4. Данило (Ман.Сити – Јувентус)            37.000.000
5. Костас Манолас (Рома-Наполи)         36.000.000

Во борба за Европа се очекува Торино, можеби Фиорентина и Сампдорија. Обрнете внимание на Каљари кои влече некои добри потези ова лето и има сериозен ред за врска со Нандез, Рог и Најнголан. Тимот од Сардинија може да заврши во горниот дел на табелата. Да беше Синиша Михајловиќ здрав и на клупата, горниот дел од табелата би го нападнала и Болоња.

Надвор од опасната зона ги очекуваме СПАЛ и Парма, а другите ќе се борат за живот. Удинезе и Џенова мирисаат на разочарувања, додека новакот Бреша со Марио Балотели во составот делува посериозно од Лече и Верона.

Извор: https://sportmedia.mk/