Албанските лидери од Прешевската долина ја поздравуваат идејата на претседателот Тачи за припојување кон Косово

во категоријата Регион од

4 ноември 2018 / 21:46

Лидерот на ДПА, Рагми Мустафа, е уверен дека следната пролет Прешевската долина ќе се приклучи кон Косово. Мустафа за Алсат вели дека ова очекува да се случи со помош на Вашингтон и Брисел, бидејќи ќе го отвори патот за евроатланска интеграција на целиот регион.
„Бидејќи САД и ЕУ се доброинформирани за напорите на Албанците, нивната добра волја за мирно решавање на проблемот, со голема увереност го поддржуваат барањето на Албанците. Посакуваме овој ден да не биде далечен. Многу веруваме дека на прагот на следната пролет ова ќе го добие својот исход се до заокружување. Прешево, Бујановац и Медвеѓа ќе бидат интегрален дел од територијата на Република Косово, дури и за да се заокружат еднаш и засекогаш албанско-српките проблеми во Западен Балкан, за да се отвори патот и за Косово, па дури и за соседните држави за евроатланските интеграции“, вели Рагми Мустафа, ДПА.
Ардита Синани од ПВД вели дека крајната дискриминација на Албанците од српската Влада ја наметнува потребата за обединување на албанските територии со Косово.
„Нам не ни останува друг пат, освен да го побараме нашето право за обединување со Косово. Албанското население го изрази своето мислење и волја на референдумот од 1 и 2 март 1992 година и сега се заживува такво нешто и нормално дека е во интересот на Албанците од Прешевската долина. Ова е волја што силно треба да се реализира“, рече Ардита Синани, ПВД.
И Лидерот на ДР ДПА, Сами Салиу, смета дека обединувањето со Косово е најдоброто решение за Долината.
„Тоа е сон на секој Албанец што живее во Прешевската долина, еден ден да се обедини со Косово. Ова би било најсреќното решение и на некаков начин ќе ја спаси Прешевската долина, со обединувањето со Косово. Но ова влегува во рамките на нашата желба и волја. За тоа какви ќе бидат политичките околности, какви ќе бидат регионалните околности, тоа не е дека зависи од нас како локална власт“, рече Сами Салиу, ЛР ПДШ.
За разлика од неговите политички опоненти, градоначалникот на Прешево Шќиприм Арифи вели дека се за обединување, но не по секоја цена. Арифи е против размена на територии, истакнувајќи дека европско Косово би било поддржувачка сила за Долината, доколку Долината и натаму  остане во Србија.
„Лидерите на Прешевската долина беа многу јасни во своите ставови, рекоа „да“ на приклучувањето кон Република Косово, рекоа „да“, но „не по секоја цена“. Доколку ние создадеме нестабилност во регионот – „не“. Доколку нас не поделат, на пример, Медвеѓе да остане со Србија, а Бујановац и Прешево да се приклучат – „не“. Доколку ја загрозиме поддршката на меѓународните претставници, конкретно Германија, тогаш „не“. Не сакаме да го загубиме долгорочното пријателство, рече Шќиприм Арифи, градоначалник на Прешево.
На референдумот од 1 и 2 март 1992 година, 98% од жителите на Прешевската долина гласаат за територијална и политичка автономија, со право да се приклучат кон Косово. Идејата на претседателот на Косово Хашим Тачи за обединување на Долината со Косово уследи по многуте барања на партиските лидери, но и граѓаните упатени до косовската страна, на преговорите со Србија да се зборува и за нивните права.
Анеса Салиху

Извор: http://www.alsat-m.tv/mk/