Актерот Љупчо Тодоровски – Упа вечерва со „Парче душа“ на „Охридско лето“

во категоријата Култура

Во Предворјето на црквата „Света Софија“, а во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“, вечерва од 22 часот ќе се одржи сценски приказ на поезијата на Блаже Конески преку проектот „Парче душа“ на актерот Љупчо Тодоровоски –Упа.

Со години изведуван ширум Македонија проектот стана препознатлив, а Упа, некако природно се врзува, се поистоветува со Блажe Конески.Насекаде наидува на искрена човечка возбуда и благодарност, неретко доведени до по некоја солза.

-„Парче душа“ е метафоричен приказ на еден човечки живот испреплетен со историјата на нашата татковина. Сликослед од крајолици, луѓе и настани од нашиот, македонски живот…Но пред сѐ и над сѐ, најважното, тој е – изблик на чувства! Чувства! И душевни состојби…Тука ќе ги „видите“: епските Марко Крале, Св. Спиридон и Болен Дојчин; Тешкото и Стерната. И нежните Виј, Круша, Пресадување… Ангелот на Св. Софија, Убавите жени, Нежност…па Тетин Ристе, Белата тетка…и ќе ја доживеете својата и душата на својата татковина, вели актерот Љупчо Тодоровски –Упа.

Покрај актерство, Тодоровски –Упа се занимава и со театарска режија, филмска и ТВ продукција и пишување на сценарија… Глумел на 8 јазици во над 30 филмови и ТВ серии, има петнаесетина театарски режии, десетици и десетици улоги во проекти и театарски куќи низ цела бивша Југославија и безброј разни, други сценски настапи.Воден од творечкиот немир на двапати по десетина години работи во Белград и Љубљана. Сѐ до денес успева да опстане како слободен уметник и да го задржи привидот на поголема лична и творечка слобода.

ИЗВОР: https://makfax.com.mk/kultura/