Зошто Ши Џинпинг престана да се фарба?

1 min read

Уште во 4-от век п.н.е. кинескиот филозоф Менг-це пишува дека за луѓето со бела коса некој треба да се грижи, а не да бидат ангажирани во тешка работа.

„Во кинески контекст, би било чудно да владее ‘човек со бела коса’ а еден професионален фризер проценува дека кинеските политичари треба да ги дофарбуваат своите корени на секои 10 дена за да го задржат целосно црниот изглед на косата,“ пишува професорот по политичка теорија на Универзитетот во Хонгконг, Даниел Бел, во текстот за Вол стрит журнал.

За кинески лидер или висок функционер бела или посивена коса вообичаено е белег дека тој ја напуштил политиката, без разлика дали по своја волја или присилно. Пример, Џијанг Цемин продолжува да се фарба за јавни настапи и на 90-годишна возраст, што се толкуваше како сигнал дека тој се уште има некои овластувања и моќ зад сцената.

И покрај симболиката и историјата, во 2019 Ши решава да се појави во јавност со сиви влакна низ косата. Домашните медиуми не ја споменуваат темата, а Западните потегот го толкуваат како симбол дека Ши сака да покаже дека е надмоќен во однос на останатите членови на Политбирото, инаку сите со ќумур црна коса.

Аналитичарот Хунг Хуанг кој расте во 1960-70 меѓу политичката елита во Пекинг, објаснува дека лидерите традиционално ја фарбаат косата како еден вид комформитет и симбол на порамнување и согласност со останатите високи функционери, симбол „кој веќе не му е потребен на Ши, бидејќи веќе очигледно е над сите останати.“

„Дали ‘поприродниот’ изглед на претседателот Ши значи крај на колективното раководство? Премногу рано е тоа да се каже. Она што можам да го предвидам е дека дури и Ши да стане лидер налик Путин кој владее со децении главно без никакви ограничувања, тој нема да дозволи неговата коса да стане целосно бела.

Верувањето дека белокосите луѓе не треба да владеат можеби е еден од членовите на непишаниот кинески устав кој не смее да биде нарушен,“ пишува Бел.

Професорот, по потекло Канаѓанец, роден во Монтреал, од 2017 до 2022 работи како декан на факултетот за политички науки на Универзитетот Шандонг, „позиција вообичаено резервирана за членови на Кинеската комунистичка партија.“ Одлуките што се носат во неговиот оддел треба да имаат и поддршка од „група лидери“, меѓу другото составена од четворица заменици декани и тројца партиски секретари. Дури и на тоа ниво Бел раскажува дека „лидерите имаат обврска да носат облека која не е ниту премногу формална, ниту премногу опуштена,“ а тие со бела коса мораат да се фарбаат „за да создадат слика на енергичност и сила во нашите напори да му служиме на универзитетот.“ И Бел го следи ова правило, само наместо црна, тогаш се фарба со „поприродна“ кафена боја.

ИЗВОР: off.net.mk

Претходно

Македонските фудбалери ги започнаа подготовките за Анталија Куп 2023

Следно

Бројот на загинати во земјотресите во Туркије се зголеми на 50.096

Latest from Blog