ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА ЗА АКАДЕМИК ВЛАДА УРОШЕВИЌ

1 min read

Академик Влада Урошевиќ е годинашен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на позијата (СВП), соопшти денес професорката Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на поетскиот фестивал. Шелева го објави лауретатот на прес-конференција во Националната универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје, додека во исто време во Париз, во седиштето на УНЕСКО, за признанието се заблагодари академик Урошевиќ. Тој е трет македонски автор кој го добива Златниот венец, по Блаже Конески во 1981 и Матеја Матевска во 2011.

Денеска се слави Светскиот ден на поезијата, 21 март, а во Париз се одржува целодневна програма во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов.

По прогласувањето на лауреатите на СВП, во НУБ „Св. Климент Охридски“ беа прочитани поетските посланија по повод Светскиот ден на поезијата од претставници на Македонскиот ПЕН центар и Друштвото на писатели на Македонија. (Фото: К. Попов)

Минатата недела, академик Урошевиќ за романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“ ја доби престижната книжевна награда Роман на годината за 2022. Романот го издаде „Арс ламина“.

Академик Урошевиќ е еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци.  Твори во речиси секој жанр и секоја форма: поезија, расказ, роман, есеј, патопис, книжевна и ликовна критика, книжевна теорија и превод. Зад себе има три книги записи и патописи, повеќе книги во кои се собрани критиките и есеите за македонските писатели и две книги за фантастиката во сликарството. Се афирмира и како антологичар на повеќе изданија. За своите дела и преводи е добитник на многубројни награди и признанија: трипати на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на „Струшките вечери на поезијата“, двапати на наградата „Стале Попов“, двапати на наградата „Григор Прличев“ за најдобар препев. Освен домашните, носител е и на неколку странски признанија. За својот книжевен и преведувачки опус, пак, именуван е првин за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред од Владата на Република Франција. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, хрватски, француски и шпански.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Гризман би можел да ја напушти репрезентацијата на Франција по назначувањето на Мбапе за капитен

Следно

МНТ ги отвора вратите по повод Светскиот ден на театарот: Публиката ќе има можност бесплатно да ја гледа претставата „Само глас“

Latest from Blog