Украина: Русија донесе воена опрема и експлозив во нуклеарната централа Запорожје

1 min read

ИСТАНБУЛ (АА) – Претставници на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) соопштиле дека Русија распоредила воена опрема и експлозив во близина на реактор во нуклеарната централа Запорожје, тврди Украина, јавува Анадолу.

„Новите злосторнички дејства на руските окупатори се уште еден чекор до предизвикување значителна штета на нуклеарната и радијациската безбедност на нуклеарните постројки лоцирани кај нуклеарната централа Запорожје“, соопшти Украинската агенција за нуклеарна безбедност – Државниот нуклеарен регулаторен инспекторат.

„Несоодветните одлуки и дејства на руската војска го загрозуваат и персоналот на нуклеарната централа и жителите на околните населби.“

Споделувајќи дека информацијата била откриена за време на состанокот меѓу Меѓународната агенција за атомска енергија и Украинската нуклеарна агенција во вторникот, во соопштението се вели дека добиле информации, преку „неофицијални канали“, за складирање на таква опрема и експлозив во други делови на централата.

„Уште еднаш нагласуваме дека во случај на вонредна ситуација во нуклеарната централа Запорожје, со потенцијално можно испуштање на радиоактивни материи во животната средина, последиците ќе се почувствуваат не само во Украина туку и надвор од нејзините граници“, се додава.

Киев ја повика меѓународната заедница на „консолидиран и решителен одговор на дејствата на земјата агресор, примена на строги санкции против претпријатијата од руската нуклеарна индустрија и лицата што се поврзани со нив“.

„Потенцираме дека на Руската Федерација треба да ѝ се одземат сите права и привилегии во Меѓународната агенција за атомска енергија и во другите меѓународни институции во областа на користењето нуклеарна енергија“, се нагласува во соопштението.

Запорожје, најголемата во Европа и една од 10-те најголеми нуклеарни централи во светот, е под руска контрола од март минатата година, веднаш по почетокот на војната во Украина. Стравувањата од нуклеарна катастрофа се присутни поради тврдењата за гранатирање околу подрачјето на централата.

Регионот Запорожје е еден од четирите украински региони што Русија ги анектира минатата година, покрај Доњецк, Херсон и Луганск.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS)..

Извор: www.aa.com.tr

Претходно

Србија: Осуда за министерот за образование кој наместо оставка го обвинува канцерогеното влијание на интернетот, видео игрите и западните вредности

Следно

Основно училиште „Гоце Делчев“ во Бутел го одбележа патрон празникот

Latest from Blog