Самит на ЕУ во Украина – ветувања за поголема воена, финансиска и политичка помош

1 min read

На самитот ќе се разговара за испраќање дополнително оружје и пари во Украина, зајакнување на пристапот на украинските производи на европскиот пазар, помош на Украина да ги покрие своите енергетски потреби, воведување нови санкции против Русија, одговорност на руските лидери за војната и можност за проширување на европската зона без роаминг до Украина

Утре во Киев ќе се одржи самитот на ЕУ, прв ваков собир на највисоките претставници на Европската Унија од почетокот на руската инвазија. По тој повод денеска и утре во Киев ќе пристигнат повеќе од 10 високи претставници на ЕУ, меѓу кои и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел. Претставниците на Европската Унија пристигнуваат во Киев со ветувања за поголема воена, финансиска и политичка помош, симболично патување кое треба да ја нагласи поддршката за Украина како што се приближува првата годишнина од руската инвазија.

На самитот ќе се разговара за испраќање дополнително оружје и пари во Украина, зајакнување на пристапот на украинските производи на европскиот пазар, помош на Украина да ги покрие своите енергетски потреби, воведување нови санкции против Русија, одговорност на руските лидери за војната и можност за проширување на европската зона без роаминг до Украина.

Но, во исто време, желбата на Украина за брз влез во Европската унија ќе остане без внимание. Имено, ЕУ не само што очекува повеќе антикорупциски мерки од Украина, туку и не сака да прифати за членка земја во која беснее најголемиот вооружен конфликт од Втората светска војна.

„Тоа е многу силен сигнал дека сме во Киев за време на војната. Тоа е сигнал за украинскиот народ. Тоа е сигнал за Русија. Тоа е сигнал за светот“,

рече висок претставник на ЕУ.

Денеска највисоките членови на Европска комисија ќе се сретнат со нивните колеги од украинската влада. Утре, пак, шефицата на Комисијата, Урсула фон дер Лајен и претседавачот на 27-те национални лидери на ЕУ, Шарл Мишел, ќе се сретнат со претседателот Володимир Зеленски.

За денешната посета на Киев претседателката на Европската комисија објави на Твитер.

„Добро е што се враќам во Киев, четврти пат од инвазијата на Русија. Овој пат, со мојот тим на комесари. Ние сме тука заедно за да покажеме дека ЕУ стои зад Украина цврсто како и секогаш. И понатаму да ја продлабочиме нашата поддршка и соработка“,

напиша Фон дер Лајен на Твитер.

Украинскиот премиер Денис Шмихал неодамна изјави дека Украина сака да се приклучи на ЕУ во следните две години, но очигледно тоа нема да се случи најмалку уште пет години, а веројатно и подолго.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Стефковски на протест заедно со граѓаните на Автокоманда

Следно

Резников: Русија планира голема офанзива на 24 февруари

Latest from Blog