САД во мај ќе прогласат крај на пандемијата на Ковид-19

1 min read

Со укинувањето на вонредната здравствена криза, лековите и вакцините повеќе нема да бидат бесплатни

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден најави дека ќе прогласи крај на здравствената криза предизвикана од Ковид-19 на 11 мај, три години откако САД воведоа строги епидемиолошки мерки за спречување на ширењето на болеста.

Вонредната состојба и јавната здравствена криза во земјата поради пандемијата на коронавирус беше прогласена во 2020 година од администрацијата на претседателот Доналд Трамп во тоа време, но Бајден ја продолжуваше, што им овозможи на милиони Американци да добијат бесплатно тестирање, вакцини и лекови против Ковид-19.

Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа соопшти дека вонредната состојба ќе биде продолжена до 11 мај, а потоа ќе заврши.

Со укинувањето на вонредната здравствена криза, лековите и вакцините повеќе нема да бидат бесплатни. Продолжувањето ќе биде до 11 мај за да можат болниците и здравствените работници да се подготват за низата промени што ќе следат. Откако ќе истече вонредната состојба, луѓето со приватно осигурување ќе имаат одредени трошоци за вакцини, тестови и лекување, додека неосигурените ќе треба да ги платат тие трошоци во целост.

Бројот на заразени во САД опаѓа, иако, според податоците, околу 500 луѓе умираат од Ковид-19 секој ден.

Според Центрите за контрола и превенција на болести повеќе од 1,1 милион луѓе во САД починале од Ковид-19 од 2020 година.

Од почетокот на 2020 година до средината на 2022 година, Ковид-19 беше третата водечка причина за смрт во САД, но сега веќе не е ниту во првите пет „убијци“, соопштија властите.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Графити со антисемитска содржина се бришеа во скопски Карпош

Следно

Морето исфрли угинат кит на брегот кај Њујорк

Latest from Blog