Денес, во Општина Прилеп, градоначалникот Дејан Продановски оствари важна протоколарна средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Македонија, Н.Е. Петра Дрекслер, и амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер.

На средбата се разговараше за унапредување на билатералната соработка, отворање нови можности за економски развој, поддршка на локални проекти и зајакнување на културните и образовните врски со двете земји. Продановски потенцираше дека Прилеп има што да понуди како економски центар, но и како град со значаен туристички и културен потенцијал.

По средбата, заедно со амбасадорката Дрекслер и амбасадорот Ле Риголер, градоначалникот оддаде почит на жртвите од Првата светска војна, одбележувајќи го Денот на примирјето на германските воени гробишта во Прилеп. Овој ден претставува потсетник на трагичните последици од војната, но и на важноста на мирот, солидарноста и европските вредности. Примирјето од 1918 година означи крај на еден од најразорните конфликти во историјата и постави темели за иднината која денес се гради преку соработка и разбирање меѓу народите.
Продановски истакна дека Прилеп ќе продолжи да биде град кој гради мостови, развива партнерства и создава нови перспективи за своите граѓани.


