ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО ВЕНЕЦИЈА, „МАЈКА“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ПРОДАДЕН ЗА КИНОДИСТРИБУЦИЈА ВО 15 ЗЕМЈИ ОД 3 ДЕКЕМВРИ

July 25, 2025
3 mins read

Од 3 декември, македонскиот филм „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска, кој ќе ја отвори натпреварувачката програма Хоризонти на 82. Венециски филмски фестивал (27 август-9 септември), ќе се прикаже во над 15 европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска, Белгија, кажа денеска продуцентката Лабина Митевска на прес-конференција во Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје.

„Мајка“ е инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија.

„Особено сум горда што со овој филм покажуваме дека Македонија има капацитет да создава висококвалитетни европски и светски филмски проекти. ‘Мајка’ се снимаше на три континенти, во продукциски услови што бараат највисоко ниво на професионализам и визија“, рече Лабина Митевска.

Светската премиера на „Мајка“ е на 28 август, отворајќи го првиот натпреварувачки ден во Хоризонти, која е посветена на иновативни естетски и наративни филмски форми. Истиот ден Венецискиот фестивал ќе го отвори „Грација“ на оскаровецот Паоло Сорентино.

Годинава и документарниот филм „Силјан“ на Тамара Котевска ќе се прикаже вон конкуренција во програмата за документарци.

„’Мајка’ ќе започне да се прикажува во европските кина од 3 декември, што претставува редок и исклучителен успех за една македонска продукција – да обезбеди кино прикажување пред светската премиера. Овој извонреден интерес за ‘Мајка’  е доказ дека филмот има потенцијал да стане еден од најистакнатите европски филмови оваа година“, велат од француската агенција „Кинолоџи“ (Kinology), која е задолжена за светска продажба и дистрибуција.

Македонската премиера на „Мајка“ е на 20 септември, на отворањето на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола.

Мајка Тереза  ја игра шведската актерка Номи Рапас. (Фото: Венециски филмски фестивал)„’Мајка’  не претставува биографија, туку длабока човечка и духовна драма, инспирирана од внатрешната борба на младата Тереза пред да зачекори во својата мисија. Филмот се фокусира на клучните седум дена во кои се кршат убедувањата, верата и визијата за иднината. Ова е можната приказна за жената зад митот. Во миг кога светот очекува светлина од неа, Тереза мора да се соочи со сопствените сенки. Ова е мојот најкомплексен филм досега“, вели режисерката Теона Митевска за својот прв филм на англиски јазик.

„Работејќи го овој филм, си ја зедов целата слобода на израз и, во индустрија каде сè уште доминирана од мажи, си дозволив да понудам женска логика и светоглед на животот и фигурата на Мајка Тереза. Развојот на карактерите и нивната повеќеслојност, испреплетеноста на нивните животни приказни и преобликувачките историски настани, и пред сè емотивната длабочина по која посегнавме во сценариото, а која ја достигнавме со виртуозното актерство, ме прават многу среќна уметница. Ова е приказна за жената зад митот, една друга страна на една светица. Во седумте дена пред да ја започне својата мисија на чело на новоформираниот женски католички ред, оваа жена одненадеж треба да се соочи со непредвидени и суштински предизвици што ќе ја поколебаат нејзината најдлабока верба. Родена скопјанка, ова албанско девојче од Македонија тргнува со чисто срце, неисцрпна енергија и желба да го менува светот на подобро преку службата на Бога. Токму пред да зачекори надвор од манастирските ѕидови, ѝ се расплеткува човечка драма што ќе ја преврти наопаку целата нејзина верба и убеденост во редот на нештата“, вели Митевска.

Косценарист на филмот е писателот Гоце Смилевски, кој вели дека „Мајка“ го прикажува моментот кога верата се судрува со човечката болка и неизвесност.

„Верував дека ваков филм мора да се напише искрено, со почит кон фактите, но пред сè со почит кон суштината на духовното искушение“, рече Смилевски на прес-конференцијата.

Главната улога ја толкува шведската ѕвезда Номи Рапас, светски позната по улогата во „Девојката со тетоважа на змеј“, заедно со Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик и Силвија Фокс како сестра Агнешка.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија со 37 милиони денари (околу 600.000 евра) на Конкурсот во прв рок за 2023. Поддршка има и од Креативна Европа МЕДИА, Данскиот филмски институт, „Белџиум такс шелтер“, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови, Филмскиот фонд од Сараево и Индиската канцеларија за повраток на данок.

Директорка на фотографија е Виржини Сен Мартан од Белгија, долгогодишна соработничка на Митевска. Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, сценариото е на Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.

„Сестрите Митевски одамна го имаат обезбедено своето место во светската филмска мапа. Нивната посветеност, визија и исклучителен креативен глас се двигатели на македонската кинематографија, инспирирајќи генерации автори – особено жени – да веруваат во својот капацитет и интернационален потенцијал“, рече в.д. директорот на Агенцијата за филм Сашко Мицевски.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Јавниот обвинител Коцевски возврати на интерпелацијата на Левица: „Политички напад, а не правна аргументација“

Следно

„Мајка“ распродаден за кината во Европа пред својата светска премиера во венеција

Latest from Blog

Брајтон со “петарда“ кај Ковентри! (ВИДЕО)

ФОТО:.facebook.com/officialbhafc Брајтон го победи Ковентри со 5:0 на гостински терен во четвртото коло од Премиер лигата. Стрелци за Брајтон беа Костулас, Јалкуе, Грос од пенал и Данк кој ќе биде кандидат за

Шкотска, Велс и Северна Ирска се здружуваат – бараат право на референдуми за независност

Лидерите на Шкотска, Велс и Северна Ирска во понеделник ќе се сретнат во Кардиф, каде што треба да потпишат заедничка декларација со која ќе го потврдат правото на нивните нации на самоопределување

Димитриеска-Кочоска: ДДВ-то за дизелот од 18 се намалува на 10 отсто

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, информираше дека Владата донела одлука за повторно намалување на стапката на ДДВ за дизелот, од 18 на 10 отсто. Според неа, мерката е донесена како одговор на

Меџити: Честитки до мојот пријател Албин Курти за реизборот за премиер на Косово

Градоначалникот на Општина Чаир и копретседател на партијата ВЛЕН, Изет Меџити, му честиташе на Албин Курти за повторниот избор за премиер на Република Косово. Меџити оцени дека во периодот што следува Македонија

Фановите на Ливерпул запреа автомобил на фудбалер после киксот – настана хаос!

Разочарувањето по уште едно промашување на Ливерпул за малку ќе се претвори во многу непријатна ситуација на улиците по натпреварот против Фулам. Откако натпреварот заврши без голови, група навивачи на Ливерпул го
Go toTop