Покренато обвинение против Трамп во случајот со исплата на мито за Сторми Дениелс

1 min read

 Големата порота на Менхетен синоќа покрена обвинение против поранешниот претседател Доналд Трамп за исплата на кампањски средства на порно актерката Сторми Дениелс за да премолчи дека имала односи со него.

Ова е првпат во историјата на САД поранешен претседател да биде обвинет за кривично дело. 

Трамп за некои медиуми потврди дека во вторник идната недела добороволно ќе се предаде во полициската станица во Менхетн. Според процедурата тој треба да биде задржан, да му бидат одземени отпечатоци и да се слика за полициско фото како и сите уапсени. Потоа, со лисици на рацете треба да се појави пред судија и да се изјасни дали чувствува вина или не. 

Обвинението е за ненасилен злостор па се очекува да биде пуштен да се брани од слобода без залог. Сепак, случајот е уникатен, бидејќи како експретседател, Трамп ќе дојде во придружба на тајната служба, па не се знае дали ќе му бидат ставени лисици. 

Новинарски екипи од САД и целиот свет уште сега се собираат пред судот во Њујорк да известуваат од овеј настан без преседан во американската историја.  

Се уште не се објавени детали од обвинението покренато по повеќемесечна истрага на Окружниот обвинител на Менхетн, демократот Елвин Брег. Набљудувачите сметаат дека ова може да влијае врз плановите на Трамп да се кандидира за претседател. Тој претходно изјави дека нема да се откаже од кампањата и во случај да биде покренато обвинение против него, бидејќи отфрли секаква вина. Ветува дека ќе прави спектакл од сето ова. Минатата недела испушти бомба во јавноста дека ќе биде уапсен од полицијата, и дека поради тоа наводно се спремаат насилни протести, во меѓувреме интензивно собира средства за неговата кампања од подржувачите.

Поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, во 2019 година сведочеше пред Конгресот дека добил задача од Трамп да исплати средства земени од кампањската каса за молчењето на Дениелс и на уште една жена, Карен Мекдугал. Тоа се случувало неколку денови пред претседателските избори во 2016 година, кога Трамп извојува победа над противкандидатот, демократката Хилари Клинтон. 

Федералното обвинителство почна да го разгледува случајот Дениелс во 2018 година, по што Коен беше обвинет и осуден на затворска казна, но Трамп тогаш избегна тужби. 

Покренувањето обвинение за поранешен претседал е „скандалозно“, така го опиша овој чин Мајк Пенс, кој служеше како потпретседал на Трамп.  

Во интервју за Си-ен-ен тој укажа дека случајот е слаб и може да биде отфрлен од судијата. И останати републиканци застанаа на страната на Трамп и коментираа дека ова е „политички лов на вештерки“, против поранешен републикански претседател, и обид на „радикалната левица“ да ја подели нацијата.

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

Путин потпишал указ за регрутирање 147 000 Руси на задолжителен воен рок

Следно

Турскиот парламент го одобри влезот на Финска во НАТО

Latest from Blog