Општина Битола ќе вложи 17 милиони денари за функционирање на зимската служба во претстојната сезона. Од вкупната сума, 15 милиони денари се наменети за градежна оператива, додека два милиони денари ќе бидат искористени за индустриска сол, песок-ризла и ладна асфалтна маса.
Зимската служба ќе се реализира преку капацитетите на локалните јавни претпријатија, со можност за ангажирање дополнителна оператива доколку временските услови го наложат тоа.
Советот на Општина Битола утврди листа на приоритетни сообраќајници: 50 улици и 14 пристапни патишта до клучни институции се класифицирани како сообраќајници од прв приоритет, а 38 улици како втор приоритет. Посебно внимание е посветено на локалните патишта во руралните делови на општината.
Координативното тело за зимска служба најавува дека, доколку има потреба, од граѓаните ќе се бара соработка, а комуникацијата ќе ја води инженерот задолжен за надзор и реализација на програмата.


