Османи од Рим: Потребни се похрабри одлуки од ЕУ кон Западен Балкан

1 min read

СКОПЈЕ (АА) – Mинистерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, учествуваше на министерскиот состанок за Западен Балкан одржан во италијанскиот главен град Рим, на покана од вицепремиерот и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани, пренесува Анадолу.

Според соопштението на МНР, во своето обраќање на првата сесија на министерскиот состанок, насловена „Процесот на европската интеграција на Западниот Балкан: патот напред”, Османи се осврна на неопходноста од поставување јасен и предвидлив пат за идните проширувања со државите од регионот, потенцирајќи дека тоа е суштествен безбедносен интерес за Европската Унија.

Истовремено, Османи истакна дека покрај задржувањето на крајната цел за членство, потребни се конкретни придружни мерки за унапредување на демократскиот развој, зголемување на економските можности и заокружување на помирувањето во Западен Балкан.

„Променетите геостратегиски околности бараат промена и приспособување на пристапот. Иако е точно дека од неодамна има зголемен акцент на важноста на проширувањето, за што сме благодарни, сите се согласуваме дека тоа сè уште не е доволно. Дваесет години по Самитот во Солун, на ЕУ итно ѝ е потребна среднорочна визија за нашиот регион внатре во рамките на Унијата“, истакна Османи.

На втората сесија „ЕУ-Западен Балкан: зајакнување на нашата соработка”, Османи ја нагласи потребата од намалување на јазот помеѓу државите од регионот со државите членки на ЕУ во економска смисла.

„Ги цениме неодамнешните обиди на Италија да ја подигне свеста за социоекономските предизвици и потреби на регионот на Западен Балкан, како и напорите на Европската комисија во рамките на Економско-инвестицискиот план и пакетот за енергетска поддршка на ЕУ за Западен Балкан. Она што ни треба во блиска иднина се похрабри одлуки кон регионот заради заемен интерес. Регионот, оставен во економски пад и статус кво, ризикува да стане ранлив дел за самата Унија во овие несигурни времиња на нарушена безбедносна архитектура на европскиот континент“, рече тој.

Министерскиот состанок за Западен Балкан го отвори потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани, а со свои излагања, покрај министерот Османи, се обратија и премиерот и актуелен министер за надворешни работи на Црна Гора, како и министрите за надворешни работи на Албанија, БиХ, Косово, Србија и Шведска, во својство на претседавач со ЕУ.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS)..

Извор: www.aa.com.tr

Претходно

Туркије: Бебе 54 дена по земјотресот повторно со својата мајка

Следно

Столтенберг: Финска утре се приклучува на НАТО, и Украина ќе стане членка на Алијансата

Latest from Blog