Од среда килограм домати ќе се продаваат за 70 денари, Владата ги замрзна цените на 11 овошја и зеленчуци

2 mins read

Одлуката на Владата со која се одредува највисоката цена по која ќе треба да се продаваат свежи домати, свежи краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портолаки, мандарини, лимони, ќе почне да се применува од 5 април и ќе трае до крајот на месецот

EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Владата на денешната седница донесе одлука со која се одредува највисоката цена на овошјето и зеленчукот. Со оваа одлука опфатени се 11 производи и тоа свежи домати, свежи краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портолаки, мандарини, лимони, информираше министерот за економија Крешник бектеши на денешната прес конференција.

Одлуката на Владата ќе почне да се применува од 5 април и ќе трае до крајот на месецот.

„Во овој период свежите домати не може да се продаваат повеќе од 70 денари. Највисоката цена на свежите краставици ќе биде 75 денари, на кромидот 60, карфиолот 70, пиперките 90 денари. Цената на гравот нема да биде повисока од 75 денари, а на леќата 110 денари. Кај овошјето бананите ќе треба да бидат до цена од 70 денари, мандарините 60, а највисоката цена на портокалите и лимоните ќе биде 55 денари“,

рече Бектеши.

Одлуката, како што рече Бектеши, е донесена согласно анализите што ги имаат направено во соработка со Министерството за земјоделство и Царинската управа, а во кои било забележано дека има големи маржи кои во текот на март достигнувале и до 250 отсто.

„Разговаравме и во делот на намалување на царините и сите увозни цени се вкалкулирани со вградена царина. Затоа не стои образложението дека се плаќаат царини од 30 или 40 отсто, па затоа и цените се зголемени и се продаваат со таа маржа. Не е калулирано ДДВ од 5 отсто кој е за секој производ кој е наведен кај овие производи“,

додаде Бектеши.

Бектеши објави детали за тоа колку се просечните увозни цени на овие 11 производи од 15 до 28 март, која била најзастапена цена во малопродажба од 1 до 21 март, како и симулации кои се направени со маржи од 20, 30 и 40 отсто од цената која била увезена. Дополнително на тоа, Бектеши рече дека имаат разговарано со производителите на овошје и зеленчук во нашата држава и со сите трговци на овие производи, на кои било кажано дека генерално овие производи имаат растур од 10 до 30 отсто во зависност од производот и затоа е одлучено при формирањето на цените да биде со највисоките цени, кои се малку повисоки од тоа што е со 40 отсто маржа.

„Ги уверувам граѓаните дека согласно сите анализи, цените, посебно на прехранбените производи и енергенсите, целосно се стабилизирани и имаат надолен тренд, на намалување“,

истакна Бектеши.

Сепак, рече, ќе се причекаат официајлните податоци од Државниот завод за статистика кои треба да се објават на 7 април.

Министерот ги повика трговците да ја почитуваат Одлуката. Тој очекува дека на почетокот на мај, откако ќе почнат да се пласираат домашните производи на овошје и зеленчук, дополнително ќе има зголемување на конкуренцијата која ќе влијае и на намалување на цената.

Тој истакна дека со новите замрзнати цени, производителите и трговците нема да имаат загуби.

Овие цени важат за сите, како за маркетите, така и за пазарите, посочи Бектеши.

На прашањето како ќе се контролираат цените на овие производи на пазарите, директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски рече дека откако ќе стапи во сила оваа одлука, ДПИ во координирани акции со УЈП и МВР ќе вршат надзор над пазарите за да се види дали се почитуваат највисоките цени.

Ова е петто замрзнување на цените оваа година. Прво беше замрзната цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари. Потао следуваше замрзнување на цените на млекото и млечните производи, па на оризот и јајцата од кокошка. Пред овошјето и зеленчукот беа замрзнати цените на тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените и хигиенските влошки.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Украинската победа е малку веројатна годинава

Следно

Туркије: Бебе 54 дена по земјотресот повторно со својата мајка

Latest from Blog