Над 100 000 убиени и ранети се загубите на руските сили во Бахмут, проценува Белата куќа 

2 mins read

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, како што наведува Гардијан, не изнел детали за тоа како САД дошле до бројките, но рече дека околу половина од загинатите и ранетите биле од платеничката група Вагнер. Дел од нив, како што додаде Кирби, биле испратени во битка без соодветна обука

Повеќе од 20 000 руски војници се убиени, а над 80 000 се ранети во изминатите петмесеци во борбите во Украина, што е драстично зголемување на и онака големите загуби на Москваза, проценуваат американските разузнавачки служби, пренесува Гардијан. 

Рововската битка за малиот град Бахмут на истокот на Украина се едни од најбруталните во изминатите пет месеци/Фото; Архива

Повеќето руски војници, според проценките, се убиени во бруталната рововска војна за малиот источен град Бахмут, за кој Москва постојано тврди дека е на прагот за негово заземање, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби.  

 „Рускиот обид за офанзива во Донбас, главно преку Бахмут, не успеа…Русија не беше во можност да заземе некоја стратешки значајна територија“,

рече Кирби. 

Загубите со кои се соочуваат руските сили во изминатите пет месеци ги надминуваат оние од првите денови на војната во Украина и се поголеми од оние што сојузничките сили ги имале во некои од најкрвавите битки во Втората светска војна.  

 „Тоа е за три пати повеќе од бројот на убиени со кој се соочија Соединетите Држави во кампањата во Гвадалканал во Втората светска војна“,  

рече Кирби, цитиран од новинската агенција Асошиејтед прес.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби/Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, како што наведува Гаридијан, не изнел детали за тоа како САД дошле до бројките, но рече дека околу половина од загинатите и ранетите биле од платеничката група Вагнер. Дел од нив, како што додаде Кирби, биле испратени во битка без соодветна обука. 

Руската војска, рече Кирби, можеби постигнала одреден успех во Бахмут, но тоа е постигнато по „ужасна цена“, додавајќи дека украинската одбрана во регионот останува силна.  

Командантот на украинските копнени сили, Олександр Сирскиј вчера изјави дека „ситуацијата е доста тешка“, но украинските сили продолжуваат со контрнапади против руските сили.  

Двете страни се борат за контрола на патот западно од Бахмут, кој служи како последна витална линија за снабдување на украинските војници.  

Доколку Бахмут падне, тоа може да ѝ отвори пат на руската војска кон поголемите градови на запад во Украина, меѓу кои и градот Карматорск.  

Сепак, неколкумесечените борби за овој град, проследени со тешки загуби, според дел од воените аналитичарите имаат повеќе симболично отколку стратешко значење.  

 „Овој обид, особено во Бахмут, имаше ужасно, ужасно висока цена. Русија ги исцрпи своите воени резерви и вооружените сили“,

рече Кирби. 

Во ноември, американски официјални лица излегоа со проценки дека бројот на жртви меѓу руските сили во првите осум месеци од војната бил повеќе од 100 000 мртви и ранети, што е на слично ниво со актуелните проценки кои се однесуваат за периодот од декември минатата, до април оваа година.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Манчестер Јунајтед ќе го продаде Џејдон Санчо

Следно

Вучиќ и Курти на средба во Брисел

Latest from Blog