Москва го обвини Киев оти планира напад на молдавската покраина Приднестровје

1 min read

Руското Министерство за одбрана наведува дека како изговор за нападот, Киев планира да изврши наводна инвазија на руските војници кои се стационирани на територијата на молдавската покраина, а дека за да го направат тоа, украинските саботери би биле облечени во руски воени униформи

Министерството за одбрана на Русија го обвини официјален Киев оти во блиска иднина подготвува инвазија на молдавската автономна покраина Приднестровје што се граничи со Украина, а каде што Русија има свои трупи. 

Во објава на Телеграм, руското Министерство наведува дека како изговор за нападот, Киев планира да изврши наводна инвазија на руските војници кои се стационирани на територијата на молдавската покраина.

„За да го направат тоа, украинските саботери кои ќе учествуваат во инвазијата ќе бидат облечени во униформа на воениот персонал на вооружените сили на Руската Федерација“,

велат од руското Министерство за одбрана додавајќи дека внимателно ќе ја следат ситуацијата на украинската граница со молдавската покраина и дека соодветно ќе одговорат ако има некои промени во ситуацијата.

Руските власти тврдат дека според достапните информации кои ги поседуваат, нападот на молдавската покраина ќе ја изведат единици на украинските вооружени сили, вклучително и формацијата на украинската национална гарда „Азов“.

Во декември минатата година, пак, шефот на молдавското разузнавање предупреди дека постои „многу висок“ ризик од нова руска офанзива на истокот на неговата земја на почетокот на 2023 година и дека Москва сè уште има цел да обезбеди копнен коридор низ Украина до отцепениот молдавски регион Приднестровје.

„Прашањето не е дали Руската Федерација ќе изврши нов упад на територијата на Молдавија, туку кога ќе го направи тоа“,

изјави шефот на молдавското разузнавање Александру Мустеата во декември лани.

Тој рече дека неговата агенција верува оти Русија разгледува неколку сценарија за да стигне до Молдавија и дека е можно да започне офанзива врз оваа земја во периодот јануари-февруари или подоцна во март-април, а дека руската офанзива би зависела од нејзината тековна инвазија на Украина.

Приднестровје е автономна покраина која побара отцепување од Молдавија уште пред распадот на СССР, а независноста ја прогласи во 1990 година.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Нови дојави за бомби: Се евакуираат неколку скопски училишта

Следно

Повеќето украински бегалци кои пристигнаа во Белгија останаа во земјата

Latest from Blog