Мнозинството е стабилно, но секогаш постои можност и потреба за негово проширување – вели Ковачевски

2 mins read

Премиерот вели дека владејачкото мнозинство во моментов брои 64 пратеници, а евентуален влез на Алијанса за Албанците во Владата би значело зголемување на фронтот за европска Македонија и зголемување на ефикасноста на работата на Собранието

Според Ковачевски, иако до овој момент немало разговори за програмско и кадровско усогласување со нови партнери во Владата, со влез на Алијанса за Албанците во Владата би се зголемил сојузот на партии што се за европска Македонија

Парламентарното мнозинство брои 64 пратеници, вели премиерот Димитар Ковачевски, а прашан – ако е така, дали воопшто има потреба од негово проширување, тој во „360 степени“ на ТВ Алсат одговори дека секогаш постои можност и потреба, заради окрупнување на одреден блок, во него да влезат нови политички субјекти.

„Тоа ќе значи зголемување на ефикасноста на работата на Собранието, со оглед на тоа дека имаме голем број реформски закони што се дел од пристапувањето кон Европската Унија, бидејќи скринингот тече, а откако завршуваат кластерите со скринингот ќе се знае кои реформи ќе треба да се прават врз основа на извештаите на ЕУ. Ќе се зголеми ефикасноста на самите институции, кадровско освежување… Меѓутоа, за тоа да се случи мора да се остварат одредени принципи кои ги застапуваат сите политички партии што се дел од Владата и, нормално, да се постигне договор на база на политичка агенда и на база на кадровска агенда“,

вели тој.

Ковачевски смета дека во пратеничката група на ДУИ или која било друга пратеничка група што е дел од владиното мнозинство нема ниту еден пратеник што има забелешка на работата на Владата, коментирајќи ги барањата на „огнената група“ за смена на првиот вицепремиер Артан Груби.

„Што се однесува на дискусии внатре во политичките партии, јас навистина не би можел да коментирам, бидејќи нашите политички партии се демократски партии, тие дискусиите ги водат во своите тела и помеѓу своето членство“,

рече Ковачевски.

Според Ковачевски, иако до овој момент немало разговори за програмско и кадровско усогласување со нови партнери во Владата, со влез на Алијанса за Албанците во Владата би се зголемил сојузот на партии што се за европска Македонија.

„Алијанса за Албанците е една од политичките партии што го поддржа предлогот на Европската Унија во однос на стартот на нашите преговори, тие секогаш декларативно, меѓутоа и практично докажувале дека се за интеграција на нашата држава во Европската Унија. Едно такво проширување, се разбира, дека би значело зголемување на фронтот, на сојузот на политички партии кои се за европска Македонија. Истовремено, тоа би значело изолирање на политичките партии кои се против Европската Унија и дури и против зачленувањето во НАТО, а тоа се Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Левица и декларативно и програмски е против европски и евроатлански интеграции на државата, а ВМРО декларативно е за, меѓутоа со сите постапки во текот на изминатите децении е против“,

рече Ковачевски.

Прашан за тезите дека Алијанса го спасува ДУИ од „огнената група“, дека Ковачевски продолжува поданички да се однесува Али Ахмети, па заедно ќе се спасуваат од „огнените“ и од други незадоволни пратеници во владејачкото мнозинство, Ковачевски рече дека меѓу ДУИ и СДСМ и меѓу него и Ахмети нема програмски разлики за едниот да влијае на другиот во генералните насоки.

„Не може да се зборува за било какво влијание на еден врз друг политички субјект кога се зборува за ДУИ и за СДСМ или за претседателот на ДУИ, Ахмети и претседателот на СДСМ од причина што, ако ги погледнете нашите програми и кога ќе ја погледнете нашата реторика, тука нема суштински разлики. И едната и другата политичка партија беа и се за членство во НАТО. Двете политички партии се за интеграција на државата во Европската Унија и учествувавме заедно со сите други коалициски партнери во носењето на одлуката за прифаќање на европскиот предлог, носењето на заклучоците во Собранието и секако спроведувањето на скрининг процесот“,

смета Ковачевски.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

ВИДЕО: Се запали автобус кој патувал на релација Скопје-Белград

Следно

Граѓаните со блокади и ноќна стража, Скопје и Софија со повици за достоинствено чествувањето на раѓањето Гоце Делчев на 4 февруари

Latest from Blog