Кој ја добива а кој губи економската војна во Украина?

3 mins read

Западните санкции подигнаа нова Железна завеса, стотици километри поисточно од онаа стара, од која се очекуваше обединетиот, триумфален и просперитетен Запад да ја изолира, порази и банкротира Русија. 

„Не само што Русија го издржа економскиот напад, туку и санкциите станаа бумеранг – погодувајќи ги токму земјите што ги воведоа“, пишува Ив Смит во „Гол Капитализам“.

Западните санкции кон Русија ја намалија глобалната понуда на нафта и природен гас, но и ги зголемија цените. Така, Русија профитираше од повисоките цени, иако нејзиниот извоз се намали. Меѓународниот монетарен фонд објави дека руската економија ослабнала само за 2,2 отсто во 2022 година, а се прогнозираше нејзин пад од барем 8,5 отсто. ММФ за 2023 очекува дури и минимален пораст на руската економија.

Од друга страна, економијата на Украина се урниса за 35% или повеќе, и покрај 46 милијарди долари економска помош од дарежливите американски даночни обврзници, башка барем 67-те милијарди долари воена помош.

Европските економии исто така добија шамари. По растот од 3,5% во 2022 година, економијата на еврозоната се очекува да стагнира и да порасне само 0,7% во 2023 година, додека британската економија се предвидува да се намали за 0,6%. Германија беше повеќе зависна од увезената руска енергија отколку другите големи европски земји, така што, по растот од скромни 1,9% во 2022 година, се предвидува дека ќе има незначителен раст од 0,1% во 2023 година.

Германската индустрија во 2023 година треба да плати и околу 40% повеќе за енергија отколку во 2021 година.

САД се помалку директно погодени од Европа, но нивниот раст се намали од 5,9% во 2021 година на 2% во 2022 година и се предвидува дека ќе продолжи да се намалува, на 1,4% во 2023 година и 1% во 2024 година.

Во меѓувреме, Индија, која остана неутрална па купува нафта од Русија по намалена цена, се предвидува дека и во оваа и во наредната година ќе ја задржи стапката на ланскиот раст од над 6% годишно. Кина, исто така, има ќар од купувањето руска нафта по убава цена и од севкупното зголемување на трговијата со Русија лани од 30%. Кинеската економија се очекува да порасне за 5% оваа година.

Американските снабдувачи со ЛНГ (течен природен гас) кои го дистрибуираат во Европа за да го заменат снабдувањето со руски природен гас, го даваат по четири пати поголема цена од онаа што ја  плаќаат американските клиенти (башка ужасните климатски ефекти од фракингот).

Само благодарејќи на благата зима во Европа и огромните 850 милијарди долари европски субвенции за домаќинства и компании, малопродажните цени на енергијата се вратија на нивоата од 2021 година (освен кај нас најглупите кои на Бугарите им плаќаме фиксна цена за гас).

Другите производители на нафта и гас го собраа кајмакот од санкциите. БДП на Саудиска Арабија порасна за 8,7%, најмногу од сите големи економии, додека западните нафтени компании се тркалаат во пари (види: „И Шеврон сака зелено: долари“ и „Ако се прашувате кој има ќар од војната“).

Војната брзо ја врати потчинетоста на Европа кон хегемонијата на САД, но тоа можеби е ефект само на краток рок, додека влијанието на војната на подолги патеки може да има поинакви исходи.

Германија на Шолц е крајно субмисивна кон Вашингтон, но тука е Емануел Макрон за да забележи:

„Во денешниот геополитички контекст, меѓу земјите кои ја поддржуваат Украина, постојат две категории на пазарот на гас: оние кои скапо плаќаат и оние кои продаваат по многу високи цени…САД се производители на евтин гас а го продаваат по висока цена… Мислам дека тоа не е баш пријателски“.

Долгорочно, на европските лидери може да им дојде „од дупе во глава“ дека иднината на континентот лежи во политичка и економска независност не само од Русија туку и од САД.

Други големи победници на војната во Украина ќе бидат производителите на оружје, со глобално доминирање на „големата петорка“ на САД: Локхид Мартин, Боинг, Нортроп Груман, Рејтеон и Џенерал Динамикс.

После една година уништување и гинење во Украина, може да се каже дека економски победници се Саудиска Арабија, нафтените гиганти како Ексон и слични, како и Локхид Мартин и Нортроп.

Губитници првенствено се луѓето во Украина, што Украинци што Руси, од двете страни на границата, војниците кои изгубија животи и лицата кои изгубија најблиски. Но, лузери од таа војна се и сиромашните земји од југот кои зависат од увоз на храна и енергија. Трет лузер е планетата чија атмосфера и клима прелесно беа жртвувани на Богот на војната.

Останува само надежта дека иако во моментов крајот никако не се гледа, во меѓувреме ќе станат погласни оние кои ќе бараат да прекине тоа лудило. Како на пример бразилскиот претседател Лула кој притиснат од Бајден да праќа оружје во Украина, стамено врати:

„Јас не сакам да се приклучам на таа војна, туку да ѝ се стави крај.“

ИЗВОР: off.net.mk

Претходно

Проекција на документарецот „Градина на пријателите“ на режисерот Марковиќ

Следно

Ердоган во Истанбул се состана со претседателот на Азербејџан, Алиев

Latest from Blog