ИО на СДСМ одлучи да продолжат разговорите со Алијанса: Ќе има кадровско освежување и диференцијација од ВМРО-ДПМНЕ и Левица

1 min read

Според СДСМ, соработката со Алијанса за Албанците ќе помогне да има поголема ефикасност во Собранието за носење закони, а ќе значи и проширување на сојузот за ЕУ и јасна диференцијација од партиите кои се против членството во Унијата. Во владините редови, пак, сметаат дека ќе има кадровско зајакнување и освежување

Извршниот одбор (ИО) на владејачкиот СДСМ вечерва едногласно одлучи да продолжат разговорите со Алијанса за Албанците за влез на оваа партија во владината коалиција.

Понатамошните разговори со партијата ќе ги води работна група во која покрај премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, ќе учествуваат и генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ, членот на Централниот одбор и министер за земјоделство Љупчо Николовски, и координаторот на пратеничката група на социјалдемократите Јован Митрески.

„Заедничка оценка е дека Алијанса го поддржува концептот за европска Македонија, а со тоа и директно да придонесат кон остарувањето на стратешките национални и државни интереси за спроведување на реформите и сите потребни чекори за членството во ЕУ преку директно учество“,

изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска по завршувањето на седницата на ИО.

Извршниот одбор на СДСМ смета дека соработката со Алијанса за Албанците ќе даде додадена вредност за граѓаните од повеќе причини. Меѓу нив, според изјавата на Кузеска е тоа што ваквата соработка ќе помогне во борбата против корупцијата, во забрзување на економскиот развој и напредок на државата, во зголемување на ефикасноста во Собранието со цел побрзо носење одлуки за подобрување на животниот стандард со граѓаните, во справувањето со енергетската и економската криза, како и во носењето на реформските закони од ЕУ агендата, поголема поддршка на стратешкото партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи.

Меѓутоа, сметаат од партијата, со тоа ќе се зголеми и мнозинството, а и ќе се направи јасна диференцијација од ВМРО-ДПМНЕ и Левица или, како што велат, двете партии кои се против ЕУ.

„Ова исто така ќе значи зголемување на парламентарното мнозинство. Тоа е чекор напред за проширување на сојузот за поддршка на членството во ЕУ со сите реформи, чекори и потребни одлуки, јасна диференцијација од двете политички партии кои се против ЕУ – ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кадровско зајакнување и освежување, стабилност која е неопходна во клучен период во однос на глобалните случувања, можност за соработка на локално ниво во општините и советите со цел унапредување на квалитетот на граѓаните. На сите наши граѓани, на Македонците им треба визија за 2030 година, членство во ЕУ, подобар живот и добросостојба, еднакви со сите граѓани на земјите членки на ЕУ“,

рече Кузеска.

Вечерашната седница на ИО на СДСМ доаѓа по денешната средба на партискиот лидер и премиер Димитар Ковачевски со претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Двајцата денеска рекоа дека во најголем процент има согласување околу програмските определби, но оти за кадровски прашања сè уште не разговарале.

Шансите за влез на Алијанса во Владата, рече Таравари, се огромни. Договорот не е дефинитивен, но веројатноста тоа да се случи, според него, е реална.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Мароко од утре домаќин на Светското клупско првенство во фудбал

Следно

Самитот на Украина и ЕУ ќе се одржи в петок во Киев, потврди украинскиот премиер

Latest from Blog