Договорено ново 72-часовно примирје во Судан – Белата куќа ги повикува Американците да ја напуштат земјата во следните 48 часа

2 mins read

Примирјето е продолжено по интензивните дипломатски напори на соседните земји, како и на САД, Велика Британија и Обединетите нации. Сепак, портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер изјави дека ситуацијата може да се влоши во секој момент и ги повика американските државјани кои се наоѓаат во Судан да ја напуштат земјата во следните 24 до 48 часа

Ривалските факции во Судан се согласија да го продолжат тридневниот прекин на огнот, неколку час пред тој да заврши синоќа на полноќ по локално време, јавуваат светските медиуми.

Сателитска снимка од запалени објекти во близина на аеродромот во Картум/Фото: EPA-EFE/MAXAR TECHNOLOGIES HANDOUT — MANDATORY CREDIT: SATELLITE IMAGE 2023 MAXAR TECHNOLOGIES — THE WATERMARK MAY NOT BE REMOVED/CROPPED — HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Примирјето е продолжено за уште 72 часа, а е договорено по интензивните дипломатски напори на соседните земји на Судан, како и на Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Обединетите нации.

Сепак, како што јавуваат медиумите борбите и натаму продолжуваат во главниот град Картум и покрај прекинот на огнот.

Претходниот 72-часовен прекин на огнот им овозможи на илјадници луѓе да се обидат да побегнат на безбедно, додека десетици земји прават напори да ги евакуираат своите граѓани.

Во речиси двонеделните борби меѓу суданската армија и ривалските паравоени групи животите ги загубија стотици луѓе.

 Суданската регуларна армија се согласи на продолжување на примирјето вчера вечер, а неколку часа подоцна понудата беше прифатена од паравоените сили за брза поддршка (РСФ).

Во меѓувреме Јужен Судан понуди да биде домаќин на мировните преговори за ставање крај на непријателствата. По предлогот се огласи суданската армија која изрази подготвеност да испрати свои претставници на разговорите.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека Вашингтон „работи многу активно“ на продолжување на примирјето, додавајќи дека, иако несовршено, тоа го сепак успеало да го намали насилството.

Но, портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер подоцна рече дека ситуацијата може да се влоши во секој момент. Таа ги повика американските државјани кои се наоѓаат во Судан да ја напуштат земјата во следните 24 до 48 часа.

„САД се длабоко загрижени поради вчерашната ескалација на прекинот на огнот во Судан, а Стејт департментот за таа цел распореди дополнителен конзуларен персонал“,

рече таа.

Жителите на главниот град Картум се соочуваат недостиг на храна, вода и гориво/Фото: EPA-EFE/STRINGER

Портпаролката додаде дека САД работат на создавањето повеќе опции за американските граѓани поедноставно да го напуштат Судан.

„САД упатија бродови во регионот за да ја обезбедат сета потребна поддршка долж суданскиот брег“,

рече Жан-Пјер

Во меѓувреме, паравоените сили за брза поддршка (РСФ) како и очевидци тврдат дека војската ги напаѓа нивните позиции во Картум, а борби се пријавени и во западниот регион Дарфур и други провинции.

Инаку, во борбите досега загинаа најмалку 512 луѓе, а речиси 4 200 се повредени, иако реалната бројка на жртви може да биде многу поголема, јавува Би-би-си.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека очекува „многу повеќе“ смртни случаи поради појава на болести и недостаток на услуги.

Здравствените власти велат дека повеќето болници во конфликтните области не функционираат и повеќе од 60 отсто од здравствените установи во Картум се неактивни.

Покрај САД, повеќе странски земји ги повикаа своите граѓани да ја напуштат земјата што е можно поскоро. Евакуацијата продолжува, но многу странски државјани и натаму остануваат заглавени во Судан, обидувајќи се да стигнат до пистата на аеродромот што се користи за евакуација.

Група од 343 државјани на Јордан, Палестина, Ирак, Сирија и Германија на воениот аеродром во главниот град на Јордан, Аман по евакуацијата од Судан/Фото: EPA-EFE/MOHAMMED ALI

 Цивилите продолжуваат да бегаат од главниот град, каде има проблеми со снабдувањето со храна, вода и гориво.

Судирите избија на 15 април како резултат на борбата за власт меѓу редовната армија и РСФ.

Армискиот командант, генерал Абдел Фатах ал-Бурхан и началникот на РСФ, генерал Мохамед Хамдан Дагало, попознат како Хемедти, не можат да се договорат околу предложената транзиција на земјата кон цивилно владеење, а особено во врска со временската рамка за прием на 100 000 припадници на РСФ во армијата.

И двете фракции стравуваат од губење на власта во Судан бидејќи има луѓе од двете страни кои би можеле да завршат пред Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства извршени во Дарфур пред речиси 20 години.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Суданската војска се согласи да го продолжи примирјето за уште 72 часа

Следно

Мицкоски во посета на општина Аеродром

Latest from Blog