Аџиќ: Црна Гора е јасно ориентирана кон Запад

2 mins read

Црна Гора е строго ориентирана кон Запад и ќе продолжи да се спротивставува на оние кои сакаат да го урнат меѓународниот поредок и вредности на кои почиваат демократските држави, изјави шефот на Министерството за одбрана и министер за внатрешни работи Филип Аџиќ.

Тој учествуваше на Првата црногорска безбедносна академија за млади, на тема Безбедносната состојба во Црна Гора – дали Црна Гора може да балансира меѓу Истокот и Западот.

Како што информираат од Министерството за одбрана, Аџиќ изјавил дека Црна Гора е строго ориентирана кон Запад, пренесува „Вијести“.

– Строго ориентирани кон Запад и обединети во евроатлантското семејство, ќе продолжиме да им се спротивставуваме на оние кои сакаат да го урнат меѓународниот поредок и вредности на кои почиваат демократските држави, рече Аџиќ.

Тој истакна дека јасната решеност и дејствување на државата без балансирање и „отскокнувања“ од западната патека се доказ дека Црна Гора е сигурен сојузник во НАТО.

„Нашето место е во заедницата на европските општества“, истакна Аџиќ, додавајќи дека влезот во ЕУ останува прв и најважен надворешнополитички приоритет.

Тој изјави дека руската инвазија на Украина претставува епохална закана која му дала нови контури на европскиот и трансатлантскиот пристап кон меѓународната безбедност.

Аџиќ истакна дека Црна Гора не калкулирала, ниту била нем набљудувач, дури и кога е во прашање усогласувањето на националната политика кон Русија со Брисел, вклучително и воведувањето санкции против Москва.

„Црна Гора ќе продолжи да ги исполнува своите сојузнички обврски во рамките на НАТО, како и со поддршката на Украина и нејзиниот народ во борбата за мир“, рече Аџиќ.

Тој потсети дека Црна Гора се приклучи на листата на донатори, обезбедувајќи хуманитарна, воена и финансиска помош за Украина, како и придонесувајќи со учество на своите војници во зајакнувањето на военото присуство на источната и југоисточната граница на Алијансата.

Аџиќ потенцира дека местото на Црна Гора е во заедницата на европските општества, а нејзиниот западен пат е утврден во Декларацијата за независност на Црна Гора од 2006 година, каде што е изразена цврста определба за европските и евроатлантските интеграции.

„Исто така, оваа Влада јасно потврди дека забрзаната интеграција во Европската унија (ЕУ) е наш стратешки приоритет“, рече Аџиќ, нагласувајќи дека со неодамнешното деблокирање на Уставниот суд го надмина институционалниот ќорсокак кој привремено го блокираше интегративниот процес.

Како што наведе, воспоставувањето институционална стабилност, како предуслов за непречено функционирање на системот на владеење на правото, овозможи да се интензивираат напорите и дадоа нова динамика на процесот на европска интеграција.

Аџиќ изјави дека регионот на Западен Балкан, вклучително и Црна Гора, отсекогаш бил на крстопат на интересите на големите сили, пред се поради неговата геостратешка положба.

„Вакуум простор во меѓународните односи не постои, немањето присуство на едната страна, на еден вредносен систем, ќе доведе до посилно присуство на другиот систем“, рече министерот.

Тој нагласи дека Црна Гора се стреми да негува добри односи со сите оние кои споделуваат демократски, проевропски систем на вредности, како и визија за мирен, стабилен Западен Балкан, интегриран во ЕУ.

– Така, нашата надворешнополитичка определба е повеќе од јасна, заклучи Аџиќ. (МИА)

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

Најмалку 21 жртва во поплавите во Сомалија

Следно

Инфантино: Расизмот нема место во фудбалот

Latest from Blog