Постојат работи што човек може да ги разбере, па и да ги прифати како реалност. Економската мака, на пример. Желбата на човек да најде подобра плата, подобро здравство, поголеми можности за себе и семејството е нормална човечка природа. Тоа не е политика, тоа не е идеологија. Тоа е потреба. Природна потреба на човекот да бара подобри и поквалитетни услови за живот, за себе и за семејството.
Токму поради тоа, голем број Македонци во последните децении земаа бугарски пасош. Не затоа што се почувствуваа како Бугари, туку затоа што сакаа да работат во ЕУ без бирократски тешкотии, без административни лавиринти, забрани, ограничувања. Тоа е чисто економска карта во играта за подобар живот, а не идентитетска карта. Секој што го познава животот надвор од стаклените ѕвона, секој што реално се соочил со предизвиците што ги носи секојдневниот живот, кој навистина не е лесен, го знае тоа, пишува Горан Анастасовски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Меѓутоа, Софија, за жал, од оваа реалност прави „доказ“. Ете, според нивното читање, бројката на издадени пасоши одеднаш станува бројка на „бугарско население“ во Македонија. Како да е доволно да со одобрени документи претходно подадени на шалтер, веднаш автоматски да ти се смени јазикот, историјата, културата, спомените, дедо и прадедо. Како да е идентитетот апликација што се симнува со – „клик“.
И ајде да анализираме натаму со оваа нивна логика. Ако пасошот ја одредува националната припадност, тогаш во Македонија имаме: огромно германско малцинство (затоа што илјадници Македонци земаа германски државјанства); сериозно шведско малцинство (сите оние семејства што живеат во Гетеборг, Малме,Стокхолм…); масовно австриско малцинство (Виена одамна е второто име за Скопје); не мали бројки нашинци имаат американско и канадско малцинство, а особено е бројно швајцарското малцинство, кое одамна функционира како мини-дијаспора внатре во државата. За Австралија воопшто и не треба да разговараме…
И така, според ова „пасош = идентитет“, Македонија не е повеќе мултиетничка држава, туку транснационален универзум. И токму овој пристап на официјална Софија има логика колку што има логика и тоа дека „ако си купиш германски автомобил, автоматски стануваш Германец“!
И така, почитувани мои, со малку иронизирање, би сакал да истакнам дека во светската пракса ситуацијата е сосема спротивна. Луѓето масовно добиваат државјанства поради можности, учење, работа, семејни причини. Никој во Германија не вика дека Турците што добиле германски пасоши се „германско етничко ткиво“. Никој во САД не вели дека Македонците што добиле американски пасоши се „американско домородно племе“.
Државјанството и етничкиот идентитет се две различни категории. Едното е документ, другото е суштина. Проблемот е што кај нас се обидуваат документот да го претворат во историја. Тоа е веќе политички обид за препишување идентитет. Не е случајно, не е наивно, не е заблуда. Тоа е стратегија.
Затоа мора јасно да се каже: Македонците не земаа бугарски пасош за да станат Бугари, туку затоа што државата во која се родени, растеле, учеле и сонувале ја воделе неквалитетни лидери што не овозможиле квалитетен живот за народот, за нацијата, за граѓаните. Државните лидери мислеле многу повеќе за себе и за нивните блиски (било партиски, било семејно…), а многу помалку за јавниот интерес и одржлив раст на нацијата и државата. И тоа е нашата болка.
Идентитетот не се добива во амбасада и не се губи на граница. Идентитетот не е формулар. Идентитетот е нешто што стои во коските, во прадедовците, во јазикот, во солзата кога ќе го чуеш звукот на гајда, зурла или кавал, во немирот кога се спомнува неправда врз Македонија.
Сè што е документ – истекува. Сè што е идентитет – трае. Пасошот ќе се изгуби. Идентитетот не!
Горан Анастасовски за НОВА МАКЕДОНИЈА

Извор: kurir.mk


